Поддршката на Украина и зајакнувањето на заштитата на критичната инфраструктура ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ниво на министри за одбрана на земјите членки на Унијата, порача високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на средбата.
– Ќе разговараме за поддршката на Украина од сите гледни точки, од обука, до снабдување со муниција и ќе видиме до каде сме и како можеме да ја зголемиме, рече Борел. Тој повтори дека до крајот на месецов делегација на ЕУ ќе замине за Киев каде на украинските власти ќе им го презентира предлогот за Механизмот за долгорочна поддршката на земјата, кој би требала да ја гарантира безбедноста на Украина и кој ќе биде претставен во конечна верзија на Самитот на Унијата во декември.
Високиот претставник додаде дека пред официјалниот почеток на Советот, министрите ќе имаат неформален појадок со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на кој ќе се разговара за отпорноста на критичната инфраструктура на блокот во сенка на безбедносните инциденти во Балтичкото Море.
Според него, министрите ќе разговараат и за производството на муниција и за начините на неговото зголемување.
– Производство зависи од договорите, а договорите зависат од здружувањето и финансиските можности на земјите членки. Тоа е интеракција меѓу индустријата и земјите членки. Процесот е во тек, но би сакале да знаеме до каде сме и каков би бил ритамот на склучувањето на договори, изјави Борел, додавајќи дека членките на Унијата и даваат голема поддршка на европската одбранбена индустрија.
Борел посочи дека во рамки на заседанието ќе се одржи и седница на Управниот одбор на Европската агенција за одбрана на кое министрите ќе ја разгледаат Анализата за развој на капацитетите за 2023 година и ќе разговараат за нејзините приоритети и начините за нивно спроведување поврзани со потребите на армиите на земјите членки и утврдување на она што им недостасува и каде треба да се инвестира.
– Тоа е документ подготвен од армиите и разузнавачките служби што се изработува со години, но досега никој не му обрнуваше внимание. Сега сите го разгледуваат и ќе го презентираме пред министрите за одбрана за тоа каде се слабите точки на нашите одбранбени капацитети и како да ги надминеме со инвестирање во приоритетните области, рече Борел.