Борел: На патот кон ЕУ нема да го загубите својот идентитет, никој од нас не го губи

Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жосеп Борел, кажа дека денеска е ден кога се постигнува клучен пробив за Северна Македонија и за Западниот Балкан. Тој на почетокот на меѓувладината конференција во Брисел потсети на долгогодишниот напор на земјава за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.

„Бев претседател на Европскиот Парламент во 2005 кога премиерот на Северна Македонија во тоа време, Владо Бучковски, доби позитивно мислење од Европската Комисија. Тоа беше пред 17 години, во 2005. Денес, конечно започнуваме со процесот за којшто чекавте и многу работевте“, кажа Борел.

Тој посочи дека Унијата е силен актер на меѓународната сцена, креирана за да ги намали поделбите и да ги залечи раните од војните. Смета дека ЕУ мора да напредува, со целосно интегрирање на Западен Балкан.

„Денес, Северна Македонија оди кон следната фаза на својот пат кон ЕУ. Живееме во клучни времиња, овој момент треба да биде искористен од Северна Македонија за да ги спроведе клучните реформи и ние ќе ве поддржиме на тој пат. Преку пристапниот процес ќе се исполнат резултати, којшто ќе го трансформираат општеството, како што се трансформираа сите општества во фазата додека земјите станаа членки. Овие реформи ќе донесат материјални придобивки за граѓаните, и на тоа патување Европската Унија ќе ве поддржува и при обидите трети страни да влијаат врз вас. Ќе ви помогнеме да градите отпорност и да се соочите со последиците од руската инвазија во Украина. Тоа ќе биде видливо особено во безбедноста, енергетиката и храната“, рече Борел и оцени дека Северна Македонија е стопроцентно усогласена со надворешната политика на Унијата.

Тој се осврна и за прашањето за идентитетите, за кои, како што рече, се теми кои страствено се коментирале изминативе недели, месеци и години.

„На патот кон Европската Унија нема да го загубите својот идентитет, никој од нас не го губи. Ние имаме неколкуслојни идентитети. Северна Македонија со својот идентитет, богата историја и култура, секогаш била дел од Европа и не ви требаат заклучоци од Советот за да го знаете тоа. Вашиот идентитет ќе остане и ќе биде зголемен со другите идентитети кои не се алтернативни, туку се надополнуваат. Ни треба Северна Македонија, за да го надополни нашиот сложен идентитет, потребни сме си едни на други, затоа што заедно сме посилни“, порача Борел.