Европската унија никогаш не ја означи Кина како директна закана за нејзината безбедност, за разлика од Русија, но односите меѓу Кина и ЕУ се сè понапнати, изјави во вторникот европскиот комесар за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, нагласувајќи ја неопходноста од продолжување на дијалогот со растечката азиска велесила, која станува сѐ помоќна и глобално полвијателна не само економски, туку и политички.
Борел говореше на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур на дебатата за потребата од конзистентна стратегија во односите меѓу ЕУ и Кина, наведувајќи го своето „лично мислење“ бидејќи „сè уште нема мандат за тоа од Европскиот совет“.
„Европската унија никогаш не ја гледала Кина како директна закана за нашата безбедност, за разлика од Русија во изјавата во Версај во март, но нашите односи не само што веќе не се толку добри, туку и сѐ повеќе се заоструваат“, рече Борел.
Потсети дека ЕУ има стратегија за Кина од 2019 година, но дека оттогаш се случиле многу нешта и дека стратегијата треба да се прилагоди на новите околности.
„Сега сме фокусирани на руската агресија против Украина, но се појави уште еден значаен политички проблем, а тоа е Кина. Кина, сепак, не е Русија. Таа е растечка суперсила која е присутна во сите региони во светот каде што има значително влијание. Заедно со економскиот раст на Кина, истовремено расте и нејзината политичка тежина“, рече шефот на европската дипломатија.
Како причина за влошувањето на односите со Кина тој ги наведе европските санкции, тензиите со Литванија околу отворањето на фактички тајванската амбасада во оваа земја и кинеските воени маневри во Тајванскиот теснец. Пекинг го смета Тајван своја одметната покраина која настојува да ја врати во матицата и жестоко се противи на секој дипломатски контакт на странски земји со Тајпек.
„Но, иако нашите односи се повеќе се заоструваат, не смееме да престанеме да разговараме со Кина, не смееме да ја отфрлиме соработката со Кина за решавање на големите глобални проблеми само затоа што Кина не е демократска држава“, рече Борел, наведувајќи ги како пример климатските промени.
Потсети на големата економска сила на Кина, која, на пример, сега е прва земја во инвестиции во земјите на АСЕАН.
„Таа нѐ замени, додека зборуваме за инвестиции, тие веќе го прават тоа (…) за неколку години Кина и Индија ќе имаат во свои раце речиси 55 отсто од светскиот БДП“, рече Борел.
Рече и дека европската и кинеската економија се испреплетени, дека 20 отсто од увозот доаѓа од Кина, каде што одат 9 отсто од европскиот извоз, а дневната трговска размена изнесува 2,3 милијарди евра. Борел, сепак, предупреди дека економските односи се неурамнотежени и дека трговскиот дефицит со Кина достигна 400 милијарди евра, односно 2,3 отсто од европскиот БДП.
Зборувајќи за прилагодувањето на стратегијата кон Кина, Борел оцени дека таа треба да се заснова на четири збора: вредности, економска безбедност, Тајван и Украина.
Тој, исто така, повтори дека односите на ЕУ со Кина не можат да се развијат доколку Пекинг продолжи да го избегнува своето влијание врз Русија да ги повлече своите трупи од Украина и да ја запре војната. Од геополитичка гледна точка, истакна Борел, „мораме да спречиме нова студена војна меѓу Западот и Далечниот исток“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека зголеменото значење на Кина како меѓународен политички и економски фактор и зачувувањето на сопствените европски интереси бараат Унијата да се грижи за односите со Пекинг.
„Европа мора да зацрта свој посебен пристап кој остава простор за соработка и со другите партнери“, рече шефицата на ЕК. Во односите со Кина, оцени таа, „мора да имаме заедничка јасна слика за ризиците и можностите што ни се пружаат“.
За новиот пристап кон Кина, шефот на дипломатијата во неколку наврати изјави дека земјите-членки мора да ги усогласат своите ставови за Кина и без разлика на „плуралноста“, ЕУ мора да биде „едно хармонизирано тело“, со што се согласи и Фон дер Лајен.
Но, за време на денешната дебата, собранието на ЕП беше доста разногласно во врска со неодамнешната тридневна посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Пекинг, каде, како што рекоа некои пратеници, довлече цела гарнитура бизнисмени за да обезбеди профитабилни договори за француските компании, а и му забележаа и поради изјавата дека Тајван не е работа на Европа, нарекувајќи ја таа изјава „наивна“.