Украина доби дозвола од САД да изведува удари во длабочина на руската територија до 300 километри, потврди во понеделникот високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, додека од Вашингтон сѐ уште нема сигурна потврда на медиумските информации во неделата коишто би значеле остра ескалација на војната со Русија.
„Да, администрацијата на (американскиот претседател во заминување Џо) Бајден дозволи користење на оружјето, испорачана на Украина, во радиус од 300 километри на руската територија. Тоа е подобро од ништо. Јас не сум импресиониран од овој радиус, но тоа е решение на администрацијата на Бајден (…) Зошто сега, а не пред изборите (за претседател на САД), не знам“, одговори Борел на новинарско прашање.
Борел истакна дека за тоа било разговарано на состанокот на шефовите на Министерствата за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои не донесоа заедничка одлука за укинување на ограничувањата, одлучувајќи дека секоја земја ќе решава самата за себе.
Малку подоцна во понеделникот, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер на редовниот дневен брифинг ниту ја потврди ниту ја негираше информацијата дека Вашингтон му дал конечно одобрување на Киев да изведува напади длабоко на територија на Русија со тактичките балистички ракети ATACMS.
„Јас нема да зборувам за какви и да се промени во политиката или да ги потврдувам“, изјавил портпаролот на американската дипломатија.
До понеделникот вечерта, ниту Белата куќа, ниту Пентагон и ниту Стејт департментот не ја потврдија веста на The New York Times и Reuters, додека американскиот претседател Џо Бајден во неделата вечерта одби да одговори на прашањето во врска со темата што му го поставија новинарите кои го следат на неговиот престој во Бразил.
Одлуката на Бајден е голема промена во американската политика кон Украина и ги подели неговите советници. Промената доаѓа два месеци пред инаугурацијата на Доналд Трамп, кој најави намалување на помошта за Украина, додава NYT.
Во неделата весникот The New York Times и агенцијата Reuters, повикувајќи се на неименувани американски финцкионери, објавија дека претседателот на САД во заминување одобрил употреба на американско оружје со долг дострел, вклучително и ракети ATACMS, од страна на вооружените сили на Украина за гаѓање цели длабоко на руска територија.
Се тврди дека американскиот претседател го презел овој чекор по извештаите за „пристигнување на десетици илјади војници на Северна Кореја во регионот Курск“. Според изданието Axcios, Вашингтон за одлуката го информирал Киев три дена пред медиумите да ја објават веста.
Русија и претходно предупреди дека САД досега не немаат презентирано никаков доказ за присуството на севернокорејски војници на фронтот во Украина. Северна Кореја, пак, ваквите обвинувања против неа ги нарече „валкани интриги“ на САД, преку кои се обидуваат да ги прикријат „сопствените злосторства и да го продолжат конфликтот во Украина“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг во понеделникот потсети дека ставот на Москва за ударите со американски ракети длабоко на руската територија беше „јасно и недвосмислено“ формулиран од претеателот Владимир Путин уште во септември предупредувајќи дека имајќи ги предвид ракувањата и неопходната сателитска поддршка за таквите удари тоа ќе значи дека НАТО најдиректно влегува во војна против Русија. Како што сега истакна Песков, оваа одлука на Вашингтон значи „квалитативно нова спирала“ на тензиите.