Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ѝ предложи на Унијата да го прекине политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги можните прекршувања на човековите права во војната во Газа, според четворица дипломати и писмото во коешто увид имала агенцијата Reuters.
Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изразува „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и наведува дека „Израел досега не одговорил доволно на таа загриженост“.
Политичкиот дијалог е содржан во поширокиот договор за односите меѓу ЕУ и Израел, вклучувајќи сеопфатни трговски врски, кој стапи на сила во јуни 2000 година.
„Во духот на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човекови права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“, напишал Борел.
За суспенирањето на Политичкиот дијалог ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што според дипломатите соговорници на Reuters е малку веројатно. Повеќе земји се спротивставиле кога висок функционер на ЕУ ги информирал амбасадорите во Брисел за предлогот во средата, изјавиле тројца дипломати кои сакале да останат анонимни.
Предлогот на Борел има цел да испрати силен сигнал за загриженост за однесувањето на Израел во војната, рекол еден од дипломатите.
За тоа ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи, последен со кој ќе претседава Борел пред истекот на неговиот петгодишен мандат.
Канцеларијата за човекови права на ОН минатата седмица соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи што ги потврдила во војната во Газа биле деца и жени и го осуди, како што истакна, систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.
Израел соопшти дека категорично го отфрла извештајот. Израелската војска соопшти дека нејзината акција била „во согласност со принципите на дистинкција и пропорционалност, и ѝ претходи внимателна проценка на потенцијалот за цивилна штета“.
ЕУ се обидува да најде цврста обединета позиција за војната во Газа, која беше поттикната од нападите на палестинските милитанти Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Унијата го повика Хамас да ги ослободи сите израелски заложници и двете страни да го почитуваат меѓународното право.
Некои земји од ЕУ, како Чешка и Унгарија, силно го поддржуваат Израел, додека други, како Шпанија и Ирска, ја нагласуваат својата поддршка за Палестинците и признавање на палестинска држава.
Еден од дипломатите рекол за Reuters дека има „зачуденост“ меѓу амбасадорите поради „недостигот од процес и подготовка“ околу предлогот на Борел.