Европската унија треба да го гледа изборот на Доналд Трамп за американски претседател како можност да ги искористи своите капацитети и својот работен систем за да се слушне нејзиниот глас на светската сцена, изјави во понеделникот високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.
„Трамп претставува можност за Европејците, не само да се разбудат, се разбудивме пред пет години, туку да ги искористат своите капацитети и нивниот работен систем за да го слушнат нашиот глас на светската сцена“, рече Борел на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
„Односите со новата американска администрација секако ќе бидат интересни. Тоа е и можност за нас Европејците да се покажеме како доверливи партнери, како рационален актер, како некој што може да донесе рационалност, некој што го почитува меѓународното право, ги гледа климатските закани“, рече Борел по веројатно последниот состанок на Советот за надворешни работи со кој тој претседаваше.
Доколку Европскиот парламент ја потврди новата Комисија следната седмица, поранешната естонска премиерка Каја Калас ќе ја преземе неговата функција од 1 декември.
Борел, исто така, изрази загриженост поради извештаите дека Кина, Иран и Северна Кореја ѝ помагаат на Русија во нејзината војна против Украина.
„Русија не можеше да ги поддржи своите воени напори без помошта на Иран, Кина и Северна Кореја“, тврди Борел вообичаено без да посочи конкрентни сфери или да даде докази за своите тврдења.
Зборувајќи за Украина, Борел рече дека Европската унија честопати не била обединета.
„Премногу често нашите дискусии траеја предолго. Мојот последен повик до колегите е да бидеме пообединети, побрзо да донесуваме одлуки“, изјави Борел.
Посочи дека ЕУ не може да биде геополитичка сила ако треба да поминат седмици и месеци за да се постигне договор и да се дејствува.
„Мораме да бидеме пообединети ако сакаме да зборуваме со јазикот на моќта. Треба да бидеме пообединети, поблиски до нашите партнери и пореални во нашиот пристап кон остатокот од светот“, рече Борел.
Борел предложи земјите-членки да го прекинат политичкиот дијалог со Израел поради кршењето на човековите права во Газа. Политичкиот дијалог е предвиден во договорот меѓу ЕУ и Израел во кој се наведува обврската за почитување на хуманитарното право и човековите права. Ваквата одлука бара консензус од сите земји-членки, но повеќето земји-членки не се за тоа.
Опишувајќи ја ситуацијата во Газа, Борел рече дека му снемува зборови.
„Ги изцрпев сите зборови да објаснам што се случува на Блискиот исток. Речиси 44.000 мртви во Газа и 70 отсто од убиените се жени и деца“, рече Борел.