Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Еверопската унија, Жозеп Борел, изјави за шпанското национално радио RNE дека го напушта Брисел „со голема фрустрација“ затоа што не успеал да го спречи „масакрот“ што Израел го врши врз Палестинците во Газа.
„Го напуштам Брисел со огромна, гигантска фрустрација, бидејќи не можевме да го запреме овој масакр“, рече тој во своето последно интервју во улогата на шеф на дипломатијата на Европската унија.
Борел, 77-годишен шпански социјалист, по пет години се враќа во Мадрид. Пред неколку дена тој беше во Јордан со претставници на Обединетите нации задолжени за хуманитарна помош, на која Израел не дозволува да испорача помош за Појасот Газа.
„Тие ми кажаа сурови и директни зборови. Има 250.000 луѓе во северниот дел на Газа кои престанавме да ги снабдуваме бидејќи не можеме да влеземе. Нивото на безбедност таму е под нулата. А што ќе се случи? Тие луѓе ќе умрат“, рече Борел.
Предупреди дека Палестинците таму ќе умрат од глад, болест и напуштеност.
„Единственото нешто што може да се направи е да се изврши притисок врз Израел да дозволи влез на хуманитарна помош“, изјави тој.
Рече дека за тоа се разговарало пред три дена на состанокот на земјите од Г7 во Рим на кој присуствувал.
„Но, тоа не се случува“, се пожали Борел дека западните земји не се обидуваат да извршат притисок врз Израел.
„Светот не е свесен што се случува таму. Не сме способни да ја отвориме вратата за да дојде ни минимална помош за Палестинците да преживеат“, вели шефот на европската дипломатија во заминување.
Борел не верува дека Израел ќе ги запре нападите врз Појасот Газа, иако договори примирје со Хезболах во соседен Либан.
„Бев во Либан пред пет дена, кога се преговараше за примирје. Вчера имаше изолирани бомбашки напади на југот. Тоа е кревко примирје. Израел го задржа правото да интервенира, со поддршка на САД, доколку оцени дека нешто не функционира“, додаде Борел.
На Борел му истече мандатот, па тој во понеделник ќе ја напушти канцеларијата во Брисел, а ќе му се придружи и поранешната естонска премиерка Каја Калас.