Боријан Борозонов е нов директор на „Џонсон Мети“ во земјава

Почнувајчи од овој месец за нов управител на компанијата „Џонсон Мети“ во земјава е назначен Боријан Борозонов.Тој доаѓа од компанијата „Аптив Сервисес Македонија“, а во „Џонсон Мети“ ќе му рапортира на Мориц Вилаерт, директор за производство во Clean Air секторот на британската компанија.

Борозанов има повеќе од дваесетгодишно искуство во меѓународен менаџмент и лидерски позиции во Европа, САД и С Македонија, вклучително и во автомобилската индустрија. Како раководител на Одделот за услуги на инвеститори во Invest Macedonia во периодот меѓу 2007 и 2012 година, Боријан ја помогна реализацијата на 12 инвестиции со вредност од над 100 милиони американски долари со 2.500 работни места во автомобилскиот синџир на снабдување во земјава.

Боријан е дипломиран инженер архитект, со MBA во глобален менаџмент од „Тандербрд“ школата за глобален менаџмент во Феникс, Аризона САД како „Фулбрајт“ стипендист, а во моментов ја изучува програмата за предводење претпријатија на школата за менаџмент „Келог“ во Еванстон, Илиноис САД, како „Зафировски“ стипендист. Боријан говори мајчин македонски јазик и англиски јазик.

Британската компанија „Џонсон Мети“ е светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето.

Фабриката на „Џонсон Мети“ во земјава произведува автокатализатори во ТИРЗ Скопје 1. Компанијата е најголем извозник од земјава. Ланската година оствари извоз од  1.850 милиони евра, а вработува повеќе од 1.000 луѓе.