Легендарниот германски тенисер Борис Бекер е новото лице во стручниот штаб на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Според српските медиуми соработката на вториот светски рекет Ѓоковиќ со новиот тренер ќе започне следниве денови кога ќе стартуваат со подготовка за првиот грен слем во 2014 година Австралија Опен.
Бекер освен во Мелбурн ќе патува со Ѓоковиќ и на турнирите во Дубаи, Мајами, Монте Карло, Рим, Париз (Ролан Гарос), Лондон (Вимблдон), Синсинати, Њујорк (САД Опен), Шангај, Париз (Мастер) и Лондон (Мастер).
„Горд сум што добив покана од Ѓоковиќ да бидам негов главен тренер. Верувам дека можеме да постигнеме големи резултати и ќе направам се што можам за да му помогнам во походот кон нови титули”, изјави Бекер.
Во стручниот штаб на српскиот тенисер останува и досегашниот главен тренер Марјан Вајда. Тој во улога на тренер ќе го предводи Ѓоковиќ на турнирите во Индијан Велс, Мадрид, Торонто и Пекинг.