Борис Џонсон нема да поднесе оставка, бара предвремени избори

Британскиот премиер Борис Џонсон нема да поднесе оставка и ќе се врати во Лондон веднаш откако ќе одржи говор во ОН со цел да стаса за почетокот на седницата на Долниот дом на Парламентот, соопшти неговиот Кабинет.

Џонсон од САД се враќа во Лондон порано од планираното по одлуката на Врховниот суд на Велика Британија дека суспензијата на Парламентот на негово барање била незаконска.

– Долниот дом на Парламентот ќе заседава утре, изјави претседателот на тој законодавен дом Џон Беркоу.

– Наложив подготовка не на нова седница, туку продолжување на заседавањето на Долниот дом, со оглед на тоа дека неговото распуштање беше незаконско, појасни Беркоу.

Тој дополни дека нема да биде одржана редовната сесија за поставување опрашања до премиер, како што е вообичаено во среда, туку дека ќе има простор за многу итни прашања.

Џонсон денеска од Њујорк повторно побара одржување предвремени парламентарни избори по одлуката на Врховниот суд.

– Очигледна работа која треба да се направи е организирање избори. Џереми Корбин (лидерот на опозициската Лабуристичка партија) сешто зборува, а би требало да бара избори, оцени Џонсон.

Претходно денеска тој рече дека не се согласува со одлуката на Врховниот суд, но дека британската Влада ќе ја почитува. Џонсон уште рече дека согласно сегашните законски прописи, Велика Британија ќе ја напушти Европската унија на 31 октомври.

– Согласно законските прописи, Велика Британија ја напушта ЕУ на 31 октомври, без разлика што ќе се случи, но возбудливо за нас е да постигнеме договор, изјави Џонсон пред новинарите во Њујорк.

– И тоа е она на кое ние работиме. Да бидам искрен, не ни е полесно поради вакви работи во парламентот или судовите, истакна британскиот премиер.

Врховниот суд на Велика Британија денеска пресуди дека суспендирањето на Парламентот на барање на Борис Џонсон е незаконско. Највисокиот британски суд во одлуката наведува дека е погрешно да се запре Парламентот да ги извршува своите обврски. Според „Гардијан“, судиите нагласиле дека советите на премиерот Џонсон за кралицата Елизабета Втора за суспендирање на Парламентот не биле легални.

Одлуката од 11 судии доаѓа по тридневниот процес, кој во прв план ги изнесе правните несогласувања околу толкувањето на непишаниот Устав на Велика Британија.

Главното прашање за судиите беше дали одлуката на премиерот да употреби „кралски прерогативи“ е „оправдана“ и дали била подложна на судска ревизија. Англискиот суд одби да се меша додека шкотскиот суд донесе пресуда дека судиите имаат право да постапуваат.

– Одлуката да се советува нејзиното Височество да го суспендира Парламентот беше нелегална затоа што имаше ефект на незадоволство или спречување на можноста Парламентот да ги извршува своите уставни функции без разумно оправдување, рече претседателката на Врховниот суд Бренда Хол.

– Парламентот не е суспендиран, така едногласно одлучија сите 11 судии. Сега е на Парламентот, а особено на претседателите на двата дома, да одлучат за следните чекори, додаде Хале.

На 28 август, Џонсон ја советуваше кралицата Елизабета Втора да ја суспендира работата на Парламентот, што неговите противници го оценија како потег со кој би се спречило да биде блокирана неговата намера да ја изнесе земјата од ЕУ на 31 октомври, со или без договор. Сепак, Џонсон рече дека целта на суспензијата е да му се даде време да донесе нова законодавна агенда за Брегзит.