Борис Џонсон против парламентот – што се случува во Велика Британија?

Лажната војна заврши, започнува вистинската битка за брегзит, забележува „Политико“ откако британскиот премиер Борис Џонсон покрена суспензија на парламентот, скратувајќи го времето на пратениците да ја блокираат можноста за брегзит без договор.

По летните превирања и шпекулации, одлуката на Борис Џонсон од кралицата Елизабета Втора да побара да ја прекине работата на парламентот на месец дена, што таа ја одобри, предизвика шок во Вестминстер.

„Одлуката на премиерот е невнимателна и противуставна“, рече за „Политико“ поранешниот јавен обвинител, Доминик Грив, конзервативец кој се противи на брегзит.

Парламентот ќе биде суспендиран на пет недели, пред 31 октомври, датумот кога Велика Британија треба да ја напушти ЕУ.

Политичарите од обете страни на дебатата за брегзит овој потег го карактеризираат како државен удар.

Џонсон сака новата парламентарна сесија да започне од 14 октомври. Со толку малку време до 31. пратениците тешко ќе успеат да спречат Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор, пренесува Би-би-си.

По доаѓањето на Џонсон на премиерската функција преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ „запнаа“ на т.н. бекстоп кој е еден од аранжманите во спогодбата за излез на земјата од блокот.

Со овој аранжман во договорот со ЕУ се предвидува Велика Британија по истапувањето од сојузот да остане дел од заедничката царинска унија со Унијата сѐ додека не се најде решение за проблемот со границата меѓу ЕУ-членката Ирска и Северна Ирска која ѝ припаѓа на Велика Британија.

За ваквото решение Џонсон смета дека е недемократско.

Ако работите одат според очекувањата на новиот премиер, парламентот ќе започне со работа две и пол недели пред Велика Британија да ја напушти ЕУ.

Меѓутоа, доколку пратениците прогласат недоверба пред 10. септември, односно пред да биде суспендирана работата на парламентот, во октомври би можело да има општи избори.

Анализирајќи дали брегзит ќе има во случај на нови избори, Би-би-си наведува дека доколку победат конзервативците, тогаш ќе има. Тие веќе се во предност со околу 31 процент во анкетите, откако Борис Џонсон во јули ја презеде премиерската функција од Тереза ​​Меј.