Борис Џонсон се премисли: Ќе побара одлагање на Брегзит, доколку Парламентот усвои закон за тоа

Британскиот премиер Борис Џнсон за време на расправата во Парламентот изјави дека ќе затражи одлагање на Брегзитот, доколку биде усвоен закон со кој тоа му се наредува.

Ваквата изјава доаѓа само еден ден по изјавата во обраќањето пред неговиот кабинет дека нема таква сила што би го натерала да бара од Брисел одлагање на Брегзит.

Претходно за време на дебатата, Џонсон изјави дека ќе се придржува кон одлуката на Парламентот ако донесе закон за одбивање на Брегзит без договор. Но, тој додаде дека не се согласува со тврдењето дека Брегзит без договор може да има „катастрофални“ последици за Велика Британија.

Тој призна дека Велика Британија ќе наиде на одредени проблеми при ваков излез од Европската унија, но смета дека тие не се нерешливи тешкотии.

Инаку, британскиот премиер Борис Џонсон денеска го загуби мнозинството во Парламентот, кога еден од неговите конзервативни пратеници се префрли кај  опозициските Либерални демократи.

„Конзервативната влада агресивно работи на штетниот Брегзит на непринципиелен начин“, напиша пратеникот Филип Ли во писмото со оставка до Џонсон.

Ли ја обвини владата на Џонсон за „користење политичка манипулација, злоупотреби и лаги“.

Водачот на британската опозиција, Џереми Корбин денес изјави дека е подготвен да се бори на изборите на 14 октомври, но со „механизам“ што ќе го одложи датумот на Брегзит.