Борис Писториус нов германски министер за одбрана

Актуелниот министер за внатрешни работи на сојузната покраина Долна Саксонија, Борис Писториус, ќе биде нов германски министер за одбрана, соопшти германската влада во вторникот.

„Ме радува што на чело министерството за одбрана доаѓа Борис Писториус… Со својата компетенција, упорност и смелост е вистинската личност за спроведување на процесот на реформи ни кои Бундесверот моментални минува“, изјави канцеларот Олаф Шолц додавајќи дека Пиосториус е искусен и компетентен политичар на полето на јавната управа и безбедноста.

Писториус, кој доаѓа од партијата на канцеларот Шолц – Социјалдемократската партија на Германија (SPD), на челната позиција во министерството за одбрана ќе ја замени сопартијката Кристине Ламбрехт која во понеделникот поднесе оставка по низата критички медиумски написи за нејзината работа.

Шеесет идвегодишниот Писториус важи како искусен политичар кој со своето работење е познат и надвор од својата сојузна покраина. Но важи и за изненадување, поради тоа што се очекуваше дека поради правичната застапеност во рамките на владата на чело на министерството за одбрана повторно да дојде жена.

Неговата претходничка Кристина Ламбрехт беше назначена за германски министер за одбрана на почетокот на декември 2021 година. Таа стана третата последователна жена на оваа позиција по Урсула фон дер Лајнен и Анегрет Крамп-Каренбауер.

Опозициската демохристијанска коалиција Унијата на Христијанско-демократската унија и баварската Христијанско-социјална унија (CDU/CSU) го критикуваше изборот на Писториус кој досега не се занимавал со одбранбени прашања.

„Со овој избор канцеларот покажа дека не го сфаќа сериозно пресвртот кој мора да се случи во одбранбениот систем. На чело на министерството за одбрана повторно доаѓа личност којашто нема компетенции ниту искуство во работата со Бундесверот“, изјави Јохан Вадепул, потпретседател на пратеничката група на опозициската унија CDU/CSU во Бундестагот.

Германското министерство за одбрана, поради големите проблеми со коишто се соочува армијата со години во поглед со нефункционалноста на системите, важи за најнеблагодарна позиција во владата, а министрите кои го водат овој ресор по правило не остануваат на позицијата целиот мандат.

По почетокот на војната во Украина, Германија, како еден од водечките извозници на оружје на светот, отстапи од својата децениска практика да испраќа оружје во зоните на конфликт, а канцеларот Шолц најави реформа и модернизација на Бундесверот за што е издвоен фонд од 100 милијарди евра.