
Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, на денешното одбележување во дворот на Тутунскиот комбинат во Скопје на 75-годишнината од депортацијата на 7.144 македонски Евреи во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка, порача дека балканските политичари мора да работат заеднички за подобра иднина на граѓаните и дека не смее да дозволат повеќе да се случуваат такви трагедии како холокаустот.
– Да извлечеме заклучоци и да сфатиме дека на Балканот треба да градиме, да работиме заедно, да одиме кон подобро уредување и народите да ни живеат среќно, а сето тоа да остане во историјата. Ако, не дај Боже, повторно дозволиме слични настани, тогаш сме глупави. И ние, сегашните политичари, имаме одговорност. Не сме ги заборавиле, слава им, и затоа дојдовме заедно со македонскиот народ да жалиме за тие што не успеале да се извлечат живи од нацистичката машина. Денес ние сме должни да не ја заборавиме трагичната судбина на жртвите на холокаустот и за бидеме сигурни дека вакви настани никогаш повеќе нема да се повторат – рече Борисов.
За време на Втората светска војна од Македонија биле депортирани 7114 Eвреи и биле одведени во логорот на смртта. Тогаш оваа територија била администрирана од бугарската власт која соработувала со фашистичка Германија. Борисов денеска на новинарско прашање дали ќе се извини повтори дека му се поклонува на бугарскиот народ за спасените Евреи, а другото го нарече пропаганда.
Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, присуството на Борисов, на премиерот на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и на заменикот премиер на Романија ги нарече историски, европски и цивилизациски чин.