Бугарскиот премиер во оставка Бојко Борисов, потврди во вторникот дека го предлага поранешниот министер за надворешни работи Даниел Митов за нов бугарски премиер.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов во живо на Facebook, од болницата каде што вчера беше опериран од спортска повреда, кажа дека кандидат за вицепремиер и министер за одбрана е Румен Христов, лидер на СДС, коалицискиот партнер на ГЕРБ во новиот состав на парламентот.
Борисов притоа соопшти дека на Красимир Каракачанов му понудил да ја задржи функцијата министер за одбрана, но тој го одбил предлогот, тврдејќи дека го прифаќа изборот на гласачите, кои не дозволија неговата партија ВМРО да влезе во 45-то бугарско Национално собрание.
Екатерина Захариева е предложена да ја задржи функцијата министер за надворешни работи, досегашниот министер за внатрешни работи, Христо Терзиски, е вториот човек од доверба кој треба да ја задржи функцијата, како и Костадин Ангелов за министер за здравство, додека Кирил Ананиев останува бугарски министер за финансии.
Новите лица кои ќе треба да ја преземат енергијата и економијата се Делијан Добрев и Жечко Стојанов. Томислав Дончев е предложен да продолжи да биде одговорен за фондовите на ЕУ и во оваа бугарска vлада, доколлку биде изгласана во парламентот. Љубен Дилов – ќе го преземе Министерството за туризам, а познатиот млад музичар Калин Велов ќе треба да ја преземе функцијата министер за култура.
Бугарскиот претседател Румен Радев му го додели на ГЕРБ мандатот за формирање нова бугарска Влада.