Бугарскиот премиер Бојко Борисов го советува премиерот Зоран Заев да не поднесува оставка ако сега не биде донесена одлука за почеток на преговорите со ЕУ, зашто има уште многу работи да се направат, а одложувањето од неколку месеци не е вечност во тој процес.
– Јас разговарав со Заев и мојот совет до него беше да не си поднесува оставка зашто заврши многу работа и има уште многу што да се направи. Ништо не е завршено, туку е одложено. Едоставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска. Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, изјави денеска Борисов пред продолжението на состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел.
Прашан за противењето на Франција во однос на проширувањето, рече дека не може да зборува во името на другите држави, но, како што наведе, може да каже дека ниту една држава не кажала „не“.
За можните внатрешно-политилки последици во Македонија од одложувањето на одлуката за преговори, Борисов рече дека тоа ќе го покаже времето.
– Сакам да потсетам дека кога Бугарија се подготвуваше за членство имаше цивилизиран дијалог меѓу власта и опозицијата и сите политички партии дека тоа е наш европски пат. Ако во Северна Македонија или во Албанија има партии кои можат во еден момент да се вратат назад тоа е исто така голем ризик, но времето ќе покаже. Постои емоционален момент, вложија многу напори, ниту една држава не го сменила името, изјави Борисов.
Евентуалното одложување од неколку месеци, според него, може да се искористи и за постигнување договор на мешовитата комисија околу отворените прашања од историјата на Бугарија и Макеоднија.