Бугарскиот премиер Бојко Борисов навести во средата дека би можел да поднесе оставка по повеќенеделните антивладини протести, но изјави дека владата на неговата десноцентристичка партија ГЕРБ ќе остане на власт до редовните избори следната година.
Илјадници Бугари протестираат од почетокот на јули против владата на Бојко Борисов, барајќи нејзина и оставка на државниот обвинител поради раширената корупција во земјата. Демонстрантите поставија шатори и блокираа улици во главниот град Софија и го обвинуваат Борисов дека во текот на трите негови мандата намерно биле слабеени државните институции во полза на моќните олигарси.
Шеесет и едногодишниот премиер Борисов, поранешен пожарникар и телохранител кој доминира на бугарската политичка сцена последната деценија, не откри други поединости но рече дека сака да го избегне колапсот на владата и распуштање на парламентот во време која економијата е погодена од пандемијата на коронавирусот.
Борисов не одговори на обвинувањата од демонстрантите, но истакна дека неговата влада „напорно работи“ на сузбивањето на шверцот со што, како што рече, слабеат и многуте локални олигарси кои поради тоа биле против него.
„Подготвен сум да заминам во секое време. Не сакам никакви тензии поради мене. Ќе разговарам со своите коалициски партнери и ќе понудам повеќе опции, вклучително и онаа во којашто јас заминувам а владата продолжува со работа“, рече Борисов на партиски состанок на ГЕРБ.
Националистичката коалиција Обединети патриоти, која е коалициски партнер на ГЕРБ, исто така, порача дека владата треба да го одработи целиот четиригодишен мандат.
Протестите силно ја намалија поддршката за владејачкиот ГЕРБ од 21,7 отсто во декември на 14,5 отсто според последните анкети. Политичките коментатори наведуваат дека оставката на Борисов може да не биде доволна да го стивне гневот на јавноста поради распространетата корупција на речиси сите нивоа во општеството.
Во средата повеќе десетици демонстранти се собраа пред техно-паркот каде што ГЕРБ го одржуваше состанокот, при што извикуваа „Борисов е срам – оставка и затвор!“. Притоа биле регистрирани и неколку инциденти, соопшти софиската полиција.
Една деценија по придружувањето на Европската унија, Бугарија и натаму е најсиромашната членка, додека според извештајот на Transparency International истовремено е и најкорумпираната членка на ЕУ.