Борјан Зафировски – Македонецот кој посетил 88 држави во светот

Република Сенегал „Fathala reserve“
Република Сенегал „Fathala reserve“

Во светот постојат 195 држави, а Македонецот Борјан Зафировски до својата триесет и две годишна возраст успеал да посети и прошета речиси половината, односно дури 88 од нив.

Полн со интересни впечатоци и импресии, тој одлучи да сподели со НетПрес неколку од неговите омилени доживувања. Борјан успеа да ни го отвори прозорецот кон најнедостапните пустински места, а и да не’ запознае со најголемите планински вериги. Но, дали е ова најпрошетаниот Македонец, одлучете вие…

Кина – Одлична за живеење и најбезбедна држава во светот

Скопјанецот Борјан, живее во Кина повеќе од четири години и вели дека е презадоволен. Живеел и во Италија, Германија и Австралија, но се пофали дека во Кина дефинитивно му е најпогодено и според него таму најубаво се живее.

Кинескиот ѕид-заштитен знак на Кина

„Кинеската храна е превкусна, а Кина како држава би можел да кажам дека е една од најбезбедните во светов. Кинескиот јазик е неверојатно тежок , но сепак успеав да стигнам до ’флуент левел’.

Инаку, во 2017-та година, Борјан се оженил со Кинескиња и среќно живеат во главниот град, Пекинг.

Секој викенд во парковите низ цела Кина се собираат постари лица, чии деца сеуште не се мажени/женети (а им е време) и носат ливчиња на кои пишува краток опис за сопственото дете и на тој начин наоѓаат компатибилен сопатник. Токму на овие места може често да се случи да се договорат бракови меѓу две фамилии.

Ако некој од Македонија сака да си ја проба среќата со Кинескиња, слободно може таму да ја бара“, се пошегува Борјан.

Африка – Вистинско место за природа и средба со животните

Борјан ја избра Африка како омилена дестинација во последните години наназад.

Се работи за многу интересен континент, и освен средба со необични култури и начин на живот на луѓето, Африка пред се’ нуди прекрасна природа, пејсажи и сафари, односно можност за средба со различни диви животни и адреналински доживувања, раскажува Борјан.

За пример ја посочи Републиката Сенегал, каде во близината на границата со Гамбија постои приватен парк „Fathala reserve“ и доколку го посетите ќе имате можност за близок контакт со тамошните животни.

Заедно со два лава и две лавици пешачевме половина час и притоа немаше проблем да им се приближам и да ги допрам, споделува тој за НетПрес.

Додека пак, „најкрвавата“ работа, вели тој, ја искусил во националниот парк „Maasai Mara“ во Кенија.

Беше период на сезонска миграција на голем број животни, и се погоди да видам во живо како ловат лавовите (wildebeast) кои се гозбеа на само неколку метри од мене!

 

Гозба на лавови
Гозба на лавови

А како малку „поопасно“ искуство ја спомена посетата на “crocodile pool“ во Банжул, главниот град на Гамбија.

Паркот е со големо значење за локалното население, а може да го посетуваат и странци. Живеалиште е на околу 40 крокодили, кои се апсолутно безопасни и не напаѓаат луѓе, а можете исто така да им се приближите и да ги ’погалите’ како милениче, сподели Борјан.

Како најзабавно и најопуштено доживување го спомена Мадагаскар, островската република во Индискиот океан, која меѓудругото е позната по лемурите.

Лемури во Мадагаскар
Лемури во Мадагаскар

„Таму има национални паркови полни со лемури, кои се толку питоми што скокаат на тебе и околу тебе за да си играат додека ги храниш“, раскажува тој.

Сепак, дознавме дека Западна Африка е можеби еден од најтешките региони за индивидуални патници, бидејќи туристичката инфраструктура им е слабо развиена, и освен лоши патишта и некомотни автобуси без никака клима и вентилација (а, надвор е +40 Целзиусови степени), многу често снемувало вода и струја.

Како најопасно место за туристи во Западна Африка го посочи Конакри, главниот град на Република Гвинеја.

„Полицијата и војската се без контрола и се случуваа чудни работи. На пример, возејќи се во такси поминавме покрај војниците и тие почнаа да ја удираат колата со некои стапови, што според нив се сметало за начин да ги ’дисциплинираат’ таксистите.

Визата за Гвинеја ми ја утнаа, се сеќава Борјан. Ми напишаа Borjan Борјан (латиница и кирилица), мислејќи дека едното ми е име, а другото презиме. Службеникот прилично се изнамачил да напише кирилица – забележав по ракописот. Среќа видов штом ја земав, па имаше време за поправки“, раскажува Борјан.

Јордан – Посета на Петра и Вади Рум, едно од омилените патувања

Јордан не е толку далеку од Македонија, а на авантуристите Борјан дефинитивно би им препорачал возење низ пустината Вади Рум (The Valley of the Moon) и посета на древниот и напуштен град Петра.

Црвената пустина Вади Рум
Црвената пустина Вади Рум

Од сите 88 држави во кои сум бил, ова би го сместил во ’топ пет’ незаборавни доживувања.

Поглед од бедуински камп
Поглед од бедуински камп

Пејсажот на бесконечната црвена пустина практично ви го одзема здивот. Спиење во бедуински кампови со магично зајдисонце и искусување на нивниот живот. Освен тоа, има еден куп историја испреплетено во овој реон, од античките Набатијанци до контроверзниот историски лик Лоренс од Арабија, за кој е документиран британски биографски филм. Голем дел од истоимениот филм е снимен токму во Вади Рум.

Планини – Монт Еверест и Памирскиот венец

Борјан, во 2014-та година го посетил базниот камп на Монт Еверест, кој се протега на надморска височина од 5.450 метри. Таму се задржал две недели, и вели дека на секој агол можат да се направат фантастични фотографии.

Лулка, местото каде што започнува планинарењето се наоѓа на тесна географска локација па летовите од Катманду до Лулка често се откажуваат доколку има посилен ветер. Мојот беше откажан, па моравме да патуваме четири часа со автомобил до местото Зири, од каде што почнал и Едмунд Хилари (првиот човек кој го освои Еверест), се’ со цел да не се случи повторно одложување. На патот кон базниот камп се среќаваш со еден куп диви јакови, кои всушност се и главно превозно средство во овој дел, вели тој.

 

Монт Еверест, највисоката точка на планетата
Монт Еверест, највисоката точка на планетата

Помеѓу републиките Киргистан и Таџикистан се протега Памирскиот тракт, а Борјан уживал во природните пејсажи на планинскиот венец Памир (на 4.000 м.н.в), поминувајќи го патот од Ош во Киргистан, па се’ до Хорог во Таџикистан.

Памирски јак
Памирски јак

Обожавам планинарење и возење со автомобил низ планински патишта. Дел од турата нуди опција (која ја избрав) да се патува низ Ваканскиот Коридор, при што возевме покрај река која граничи со Авганистан, сподели тој.

За приказната да биде уште поинтересна, го прашавме Зафировски да сподели и некое егзотично место како негова омилена дестинација досега, и тој ја избра Јужната хемисфера како фаворит.

Јужен пацифик за одмор – Фиџи број еден!

Освен Австралија и Нов Зеланд како најразвиени туристички дестинации, во Јужниот Пацифик има и голем број помали нации – држави, а Борјан ги има посетено Фиџи, Вануати и Соломонските Острови.

Борјан со сопругата на Фиџи
Борјан со сопругата на Фиџи

„Фиџи е прекрасно место за одмор и скоро сите хотели имаат „infinity pool“, простран базен кој нуди волшебна глетка на залезот на сонцето. Популарна е и пловечката бар платформа на сред океанот, до каде се стигнува за околу 45 минути со брз брод“, кажува тој.

Соломонските острови не биле премногу развиени за туристи, но нудат голем број меморијални центри со историско значење за Втората Светска војна, бидејќи островот бил еден од главните бојни полиња за време на битката за Гуадалканал која се одвивала помеѓу Јапонците и Американците (1942-1943).

Гуадалканал бојно поле
Гуадалканал бојно поле

Борјан вели дека спонтано одлучува кога и каде ќе патува, но би сакал да ја посети и Сирија, или можеби американскиот континет во иднина.

Сакам во следните две години да стигнам до бројката од 100 посетени држави, иако моментално немам конректни планови за избор на дестинација…

Ако сакате да уживате во повеќе фотографии од Борјан, може да го побарате на неговиот Инстаграм профил: bozafmk