Челникот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александер Бортников, посочи во вторникот дека Украина и земјите од Западот се обидуваат да организираат саботажи во Русија за што врбуваат и малолетници со цел да се предизвика бунт во земјата, за да го спречат поразот на бојното поле.
„Украинските тајни служби и нивните западни шефови покренаа агресивна идеолошка кампања и кампања на врбување, насочена кон нашите граѓани, особено кон помладата генерација“, рече Бортников на состанокот на рускиот Национален антитерористички комитет.
Според него, целта на овие кампањи е да се врбуваат руски државјани со екстремистички и радикални ставови со цел да извршуваат „субверзивни, терористички и екстремистички активности“ во Русија.
Бортников посочи дека во Русија од февруари годинава се пресретнати и спречени 118 терористички злосторства во чијашто организација стојат тајните служби на Украина и на земјите од ткн колективен Запад, а кои требало да ги извршат „млади луѓе и адолесценти, а меѓу кои има и малолетници“.
Оцените на Бортников се надоврзуваат на минатонеделната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, кои ги обвини во прв ред тајните служби на Велика Британија и САД дека ги оркестрираат акциите на украинската служба за изведување во терористички акции во Русија.
На почетокот од март во рускиот пограничен регион Брјанск беше уфрлена од Украина група руски државјани припадници на неонацистичко движење обучувани во Украина при што беа убиени две лица и ранети две деца. На почетокот од април во подметната бомба во Санкт Петербург беше убиен рускиот воен дописник Максим Фомин. Неколку руски државјани се исто така осудени на затворски казни поради подметнување пожари во центри за регрутирање, а НАК чести известува за неутрализирање или апсење на групи за подготовки диверзии на стратешка инфраструктура во Русија.
По ланското убиство во Москва на руската новинарка Дарја Дугина, ланскиот април беа спречени атентати на уште неколку руски влијателни новинари, како директорот на Россия сегодня, Дмитриј Киселев, главниот уредник на агенцијата RT Маргарита Симонјан, влијателниот руски телевизиски новинар Владимир Соловјев.
Најтешкиот инцидент се случи кон средината на ланскиот октомври, кога на воен полигон близу Белгород на самата граница со Украина, двајца напаѓачи отвори оган врз невооружени доброволци убивајќи притоа 11 и ранувајќи 15 од нив.