Фудбалерите на Борусија Дортмунд по третпат во историјата на клубот ќе играат во финалето на Лигата на шампионите, откако со 1:0 во Дортмунд, исто така 1:0 во реваншот во Париз го елиминираа фаворизираниот Пари Сен Жермен.
Единствениот гол во реваншот го постигна Матс Хумелс во 50. минута, а Борусија во финалето ја чека подобриот од второто полуфинале во кое се среќаваат Реал Мадрид и Баерн, а првиот меч во Минхен заврши без победник 2:2.
Борусија Дортмунд по третпат во својата историја се пласираше во финалето на Лигата на шампионите. Првпат играше во финалето во 1997 година, кога го освои единствениот трофеј. Таа година во финалето го победија Јувентус со 3:1. Вториот пат Борусија (Д) играше финале во 2013 година, а домаќин на финалето како и оваа година беше лондонски „Вембли“, кога го минхенски Баерн го совлада клубот од Дортмунд со 2:1.
Гостите од Дортмунд одлично го контролираа целото прво полувреме на „Паркот на принцовите“. На самиот почетокот немаше ништо од очекуваната агресивност на ПСЖ да се обиде што поскоро да ја анулира негативата од еден гол од првиот натпревар. Уште повеќе, во првиот половина час Борусија доминираше во поседот на топката и ја умртви играта во која парижаните не создадоа ниту една опасна ситуација пред гостинскиот голман Кобел. Имаше неколку удари од далечина од домашните играчи, но одбраната на Борусија лесно се справи со тие закани.
На другата страна, во 18. минута Фуелкруг прекрасно со градеше ја спушти топката до Рајерсон, кој шутираше покрај стативата. Првата малку поопасна шанса на ПСЖ се случи во 31. минута, но ударот на Усман Дембеле беше непрецизен. Во 36. минута беше видена најголемата шанса во првото полувреме која ја создадоа гостите. Брзоногиот Адееми ѝ побегна на противничката одбрана, дојде на 15 метри од противничкиот гол и во пад со двајца играчи на грб,добро шутираше, но голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, уште подобро реагираше.
Второто полувреме започна со одлична шанса за ПСЖ. Топката дојде до втората статива до Заир-Емери, кој од непосредна близина шутираше покрај голот, а многу брзо дојде до шокот на другата страна. По корнер, Борусија поведе во 50. минута. Искусниот, 35-годишен Хумелс остана прилично небранет и лесно погоди со глава за водство на својот тим, кое уште со првиот натпревар го зголеми на два погодока.
Голот го шокираше ПСЖ кој одредено време дивееше на теренот, а потоа кон голот на гостите од Германија тргна краткотрајниот ураган. Најпрво во 60. минута Гонкало Рамош шутираше за малку над гредата од 12 метри, додека во 61. минута Мендеш упати жесток удар во стативата. Вкупно со првиот натпревар, тоа беше четврти пат парижаните да ја погодат стативата од голот на противникот.
Новиот налет на ПСЖ започна на крајот. Во 80. минута Мбапе шутираше во поблискиот агол, но го одбрани Кобел, додека во 82. Маркињос ја совлада „жолто-црната“ одбрана, но шутираше далеку од стативата. ПСЖ уште повеќе притисна во самиот финиш кога среќата уште двапати ги погали гостите од Дортмунд. Имено, во 86. минута ударот на Мбапе заврши во гредата, со интервенција на Кобел, додека во 88. минута Витиња шутираше од 25 метри и силно ја затресе гредата. Тоа беше крај на сите надежи на парижаните, кои со тоа остануваат на едно финале од Лигата на шампионите, она од 2020 година.
Во среда на „Сантијаго Бернабеу“ ќе се одигра возвратниот полуфиналниот натпревар меѓу Реал Мадрид и Баерн Минхен. Натпреварот започнува во 21 часот, а на првата средба, на минхенската Алијанц Арена, немаше победник по 2:2.