Борусија Дортмунд потпиша двегодишен договор со германскиот играч за врска Паскал Грос од англискиот премиерлигаш Брајтон и Хоув Албион, објавија двата клуба во четвртокот.
Грос потпиша двегодишен договор со бундеслигашот и го напушта Брајтон по седум сезони минати во Премиер лигата, каде забележа 261 настап во сите натпреварувања и постигна 32 гола.
„Во однос на неговиот придонес на теренот, Паскал стана најголемото засилување на клубот во Премиер лигата“, рече претседателот на Брајтон, Тони Блум.
Триесет и тригодишниот Грос беше првото засилување на Брајтон откако остварија пласмн во Премиер лигата во 2017 година, приклучувајќи се од ФК Инголштад, кој тогаш штотуку испадна од Бундеслигата.
„Многу сме среќни што ќе го вратиме Паскал во Бундеслигата“, изјави спортскиот директор на Борусија, Себастијан Кел.
Грос за националниот тим дебитираше во 2023 година, а за Германија настапи осум пати во кои постигна еден гол.