Борут Пахор фаворит на словенечките претседателски избори

Актуелниот претседател Борут Пахор е фаворит на изборите кои во неделата во седум часот започнаа на над три илјади избирачки места на кои 1,7 милиони гласачи по шести пат од стекнувањето независност ќе го изберат претседателот на Словенија.

Има девет кандидати, од кои пет се жени, што е најмногу досега но најмногу шанси за победа според испитувањата на јавните мненија објавени последните денови има актуелниот претседател Борут Пахор, кој може да победи уште во првиот круг, а се бори за својот втор петгодишен мандат.

Избирачките места се затвораат во 19 часот, кога ќе бидат објавени проекциите од резултатите на основа на излезните анкети. Непотполните официјални резултати ќе бидат познати во доцните вечерни часови, кога ќе биде познато и дали воопшто ќе има втор круг кој би се одржал по две седмици.

Според проекциите кои ги објавија дневните весници мариборски Večer и љубљански Dnevnik, засновани на анкетите водени од почетокот на месецов, Пахор би можел да добие 53,6 отсто од гласовите, а најблизок конкурент му е младиот градоначалник на Камник, Марјан Шарец со 207 отсто од гласовите, што би значело дека вториот круг не би бил потребен. Слична е прогнозата и на љубљанско Delo, според која Пахор има поддршка од 54,6, а Шарец од 21 отсто од гласачите.

Европаралментарката Романа Томц, како кандидатка на Словенечката демократска партија (SDS), може да очекува 8,8 отсто од гласовите, а претседателката на конзервативната Нова Словенија (NSI), Људмила Новак 8,7 отсто од гласовите.

Нивните доцни кандидатури, млаката кампања и фактот дека десниот центар не можеше да се обедини околу заеднички кандидат, покажуваат дека дел од партиите ги сфатија претседателските избори како загревање и профилирање пред многу поважните парламентарни избори кои ќе се одржат следната 2018 година, сметаат словенечките аналитичари.