
Љубе Бошкоски побара од судот да се проверат податоците за четворицата српски државјани кои се товарат дека ја извршиле ликвидацијата на Маријан Тушевски и Киро Јанев бидејќи според неговите информации првообвинетиот е починат, пишува дневниот весник „Вечер“.
Судскиот процес за убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, познат во јавноста како случајот “Ровер“, денеска во скопскиот Кривичен суд стартуваше од почеток откако Апелација ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење.
На самиот старт Љубе Бошкоски побара од Судот да ги проверат сите податоци за четворицата српски државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ кои се обвинети дека ја извршиле ликвидацијата на Тушевски и Јанев. Според Бошкоски Чубрило починал, Илиќ бил во затвор во времето кога се случило убиството а Ковачевиќ бил на друг континент.
„Бидејќи вие две години не можете да ги најдете првообвинетите, а кои секоја држава би ги нашла за неколку дена, еве да ви помогнам. Имам информации дека првообвинетиот во случајот „Ровер” Предраг Чубрило е починат и затоа треба да се провери дали е мртов, да не водите судски процес против мртов човек. Проверете и дали бил присутен во Македонија кога било извршено убиството. Проверете дали второобвинетиот кој бил во затвор во Србија за време на убиството овде, можел на некој начин да дојде па да се врати повторно назад во Србија во затвор. Посебно треба да се провери, а јас ви тврдам дека е така – третообвинетиот за убиството, не само што не бил во Македонија кога било убиството, туку тој не бил и во Европа, туку на друг континент“, рече Бошкоски.
Судскиот совет и претставникот на Обвинителството, обвинителката Лидија Раичевиќ – Вучкова ги прифатија барањата на Бошкоски и се обврзаа дека ќе ги проверат сите информации околу четворицата српски државјани.
Адвокатите на одбраната побараа да се укине статусот на заштитениот сведок и да се испраша како обичен сведок но тоа барање беше веднаш одбиено.
На почетокот на процесот обвинителот Раичевиќ изјави дека останува на обвинителниот акт кој Апелација го оквалификува како нејасен и неуреден.
На првиот судски процес четворицата српски државјани беа осудени на доживотна казна затвор, Бошкоски на дванаесет години, Зоран Трајковски беше осуден на десет,Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ добија по осум години затвор додека Гоце Митревски и Никола Негриевски беа осудени на шестгодипна затворска казна.
Според обвинителниот акт тие ја организирале ликвидацијата на Тушевски и Јанев и за таа цел ги донеле и сместиле српските државјани во стан во Скопје. По извршеното убиство им помогнале да побегнат од државата а Бошкоски се обврзал дека нема да ги гони.
“ВЕЧЕР“ успеа да го најде и да разговара со првообвинетиот Предраг Чубрило во неговиот дом во селото Каравуково во Војводина. Во разговорот Чубрило тврдеше дека ниту го знаел ниту пак го ликвидирал Тушевски и дека станува збор за монтиран судски процес.
Тој изјави дека неколку пати престојувал во Македонија за време на конфликтот во 2001 година како инструктор на борбените единици и самиот го приложи пасошот во кој немаше потврда дека бил во државата во перидот кога е извршено убиството.