Празник и неработен ден во РС, обичен работен ден во Федерацијата БИХ
Се навршуваат 28 години откако во американската база Рајт Петерсон во Дејтон е парафиран Општиот рамковен договор за мир во БиХ и неговите 12 анекси, со што се стави крај на војната во БиХ и се воспостави уставно-правен поредок на земјата.
Со овој договор ја создаде државната заедница на БиХ, составена од два ентитета, Република Српска и Федерацијата БиХ, кои се потписници на сите анекси.
Дејтонскиот договор по тринеделни преговори го парафираа тогашните претседатели на Србија, Слободан Милошевиќ, на БИХ, Алија Изетбеговиќ и на Хрватска, Фрањо Туѓман. Договорот беше парафиран во присуство на тогашниот американски државен секретар Ворен Кристофер, а освен него, главни американски посредници беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.
Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз.
Во Република Српска денеска е празник и неработен, додека во Федерацијата Босна и Херцеговина е обичен работен ден.
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ изјави дека добро би било Дејтонскиот мировен договор да „добиеше шанса да живее во полн капацитет, како што беше напишано“, оценувајќи дека тоа би значело дека БиХ е уредено општество кое може да гради внатрешни дијалог.
Таа изјави дека Дејтонскиот договор „претпрел различни модификации“, нагласувајќи дека Босна и Херцеговина е во постојана криза поради нападите врз тој договор.
Премиерот на РС, Радован Вишковиќ, рече дека со Дејтонскиот мировен договор е потврден суверенитетот на Република Српска, која е втемелена како еден од двата рамноправни ентитети, со силни елементи на државност и суверенитет.
„Никогаш не смееме да заборавиме дека потврдата на нашата автономија не дојде сама по себе, туку преку огромната жртва на народот и политичкото раководство што ја предводеше, низ тие тешки и историски пресвртни времиња“, додаде Вишковиќ.