![1000](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/1000-14.jpeg?resize=696%2C464&ssl=1)
Кошаркарите на Бостон Селтикс беа подобри од Мајами Хитс со 121:108 во петтиот натпревар во финалето на Источната конференција во НБА лигата и ја намалија предноста на противникот на 2-3 во серијата до четири победи.
Клучна за победата на Селтикс беше третата четвртина во која заостанувањето од седум поени (51:58) на полувремето ја претворија во предност од девет коша (92:83) на почетокот од последната четвртина притоа постигнувајќи 41 поен (41:25).
Џејсон Тејтум во тој период од мечот постигна 17 од своите вкупно 31 поен и притоа имаше и десет скокови и шест асистенции. Џејлен Броун додаде 28 поени, а по 15 коша постигнаа Кемба Вокер и Дание Тејс, прио тпи германскиот центар додаде и 13 скокови. Маркус Смарт впиша 12 коша, осум скокови и осум асистенции.
За разлика од четвртиот меч, Селтикс ги натскокаа Хитс (50-38) и имаа една загубена топка помалку (11-12). Мајами го завршија мечот со само седум погодени „тројки“ од 36 обиди.
Најдобар стрелец кај Мајами беше Словенецот Горан Драгич со 23 коша, додека Данкан Робинсон додаде 20, а Џими Батлер го заврши дуелот со 17 поени, осум скокови и осум асистенции. Но херојот на четвртиот меч, Тајлер Хиро, постигна само 14 коша.
Ноќта кон понеделникот, во 2,30 часот Бостон и Мајами ќе го играат шестиот натпревар во кој Хитс ќе ја имаат втората можност за пласман во големото финале, а Селтикс ќе бараат можност за решавачкиот седми дуел.
Ноќта кон неделата, во 3 часот, ќе се игра петтиот меч од финалето на Западната конференција во кој Лос Анџелес Лејкерс велгуваат со водство од 3-1 против Денвер Нагетс и може да обезбедат пласман во финалето на НБА лигата. Лејкерс можеби ќе бидат ослабени за Ентони Дејвис, откако центарот го повреди зглобот на ногата.