Кошаркарите на Бостон Селтикс поведоа со 1-0 во финалето од доигрувањето во НБА лигата откако на гостувањето ги победија Голден Стејт Вориорс со 120:108.
Голден Стејт и Бостон финалната серија до четири победи ја отворија со соочувањето во „Чејз Сентр“ во Сан Франциско, а гостите уште на самиот почеток стасаа до „брејк“. Вториот дуел по три дена ќе се игра во истата сала, а серијата потоа се сели во „ТиДи Гарден“, каде што на распоредот се следните два натпревара, на 8-ми и на 10-ти јуни.
Голден Стејт подобро го отворија дуелот, и по седум минути игра имаа водство од шест поени (20:14), во завршницата на првата четвртина стасаа до седум поени предност (29:22), но на крајот првата делница ја добија со 32:28. Во втората четвртина Вориорс имаа и „плус осум“ (47:39), но Селтикс во финишот на првото полувреме успеаја да го надоместат заостанувањето и да стасаат до првото водство на мечот од 50:49, а на одморот заминаа со два поена предност 56:54.
Третата четвртина целосно им припадна на домашните, и ја добија со 38:24. Вориорс во еден момент имаа и водство од 17 поени (87:72), а на крајот од делницата има „плус 12“ (92:80). Но тогаш започна неверојатното враќање на Селтикс. Последната четвртина ја отворија со серија 9:0 намалувајќи го заостанувањето на три коша, а при резултат 100:103 направија серија од 17:0 за водство од 117:103.
Ова е втората најголема серија во последната четвртина од некои финале во НБА лигата последните 30 години. На крајот, овој период од дуелот Бостон го доби со 40:16 за конечните 120:108.
Ветеранот Ал Хорфорд ги предводеше Селтикс со 26 коша и 6 скокови, Џејлен Браун додаде 24 коша со 7 скокови, додека Дерик Вајт додаде 21 поен.
Стефен Кари кој постигна 7 „тројки“ постигна вкупно 34 поени за Вориорс, Ендрју Вигинс додаде 20 коша, а Клеј Томпсон 15 поени.
Бостон стаса до НБА финалето првпат по 2010 година, а Селтикс имаат можност да станат рекордери во лигата. Моментално се израмнети со Лос Анџелес Лејкерс со по 17 титули. Од друга страна, Вориорс имаат шест титули, а притоа трипати славеа во периодот од 2015 до 2018 година.