![AUTO-PRIX-F1-AUT](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/formula-01.jpg?resize=696%2C463&ssl=1)
Новата сезона во Светското првенство во класата Формула 1 беше отворена во неделата со одличната трка за Големата награда на Австрија на патеката во Шпиелберг и победата на Финецот Валтери Ботас од тимот на Мерцедес, додека неговиот клупски колега и актуелен светски првак Британецот Луис Хамилтон го освои четвртото место.
Трката ја одбележаа три излегувања на „безбедното возило“, низа излетувања и откажувања.
Ботас имаше најдобра стартна позиција и не го испушташе водството од првиот до последниот свиок, остварувајќи ја осмата победа во кариерата.
Актуелниот шампион Хамилтон во квалификациите го зазема второто место, но стартуваше од петтата позиција поради жалбата на тимот на Ред Бул дека не забавил на задолжителните сигнали за предупредување во квалификациите.
Меѓународната автомобилистичка федерација (FIA) изминатата ноќ ја анализираше ситуацијата и донесе одлука дека нема потреба од казна за Хамилтон. Меѓутоа, од Ред Бул бараа нова анализиа по којашто Британецот беше казнет со пад за три места, на петтата позиција.
Но Хамилтон со одлично возење многу брзо се проби на втората позиција, а на 10 кругови до крајот на трката се одигра еден од клучните моменти. Александер Албон од Ред Бул од надворешната страна го нападна Хамилтон и кога се чинеше дека ќе го мине, Британецот со своето предно тркало го закачи задното на болидот на Албон. Тркачќот од Тајланд се изврте и заврши надвор од патеката, додека Хамилтон продолжи но сепак беше казнет дополнително со пет секунди.
Казната на Хамилтон му овозможи мирна завршница на Ботас, но отвори пат за Шарл Леклер од Ферари и, Серхио Перез од Рејсинг Поинт и за Ленд Норис од Мекларен за пласман на пиедесталот.
На крајот Леклер заврши како втор, додека Норис го освои третото место бидејќи и Перез доби казна од пет секунди поради пречекорување на брзината во боксот.
![](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/formula-02.jpg?resize=350%2C224&ssl=1)
Пред почетокот на трката повеќето пилоти клекнаа во знак на поддршка на движењето „Црните животи се важни“, меѓутоа забележливо е дека шестмина меѓу кои Макс Верстапен и Шарл Леклер не го сторија тоа.
Светското првенство во Формула 1 требаше да започен во Австралија во март, но поради пандемијата на коронавирусот беше одложено за четири месеци, а и бројот на трките е намален од 20 на само осум, колку што се неипходни за првенството да се смета за регуларно.
Следната седмица исто така ќе се вози во Шпиелберг, а потоа следат трките во Унгарија на 19-ти јули, во Велика Британија на 2-ри и 9-ти август, во Шпанија на 16-ти август, Белгија на 30-ти авгууст и во Италија на 6-ти сепрември.