По повод најголемиот христијански празник Велигден, Македонската филхармонија го најавува концертот „Божествен“, кој ќе се одржи в четврток на 25 април, со почеток во 20 часот.
Премиерно во Македонија, ќе биде изведено едно од највеличествените дела на шкотскиот композитор Џејмс Мекмилан – „Седумте последни зборови од крстот“. Во вториот дел од програмата ќе биде изведена Симфонијата бр. 4 насловена „Трагична“ од австрискиот композитор Франц Шуберт.
Диригент на концертот „Божествен“ е маестро Конрад ван Алфен од Холандија, чест гостин-диригент со Македонската филхармонија, а заедно со оркестарот ќе настапи хорот „ПроАрс“, подготвен од маестро Сашо Татарчевски, стои во соопштението на Македонската филхармонија.
„Седумте последни зборови од крстот“ е и едно од највпечатливите вокално-инструментални дела од поновото време. Станува збор за нарачка од страна на Би-би-си ТВ и премиерно беше изведено во седум ноќни епизоди за време на Светата недела во 1994 година, од хорот „Капела Нова“ и Шкотскиот ансамбл, под диригенство на маестро Алан Тавенер. Текстот е традиционален и се базира на сите четири евангелија, за да се формира секвенцијална презентација на седумте последни реченици изговорени од Исус. „Седумте последни зборови од крстот“ со право се смета за ремек-дело на Мекмилан, затоа што е мошне комплексно и катарзично.
Австрискиот композитор Франц Шуберт, кој му припаѓа на доцниот класицизам и раниот романтизам зад себе има навистина импресивен опус. За разлика од неговите први три симфонии кои се покласични и лежерни, неговата Четврта „Трагична“, која ја напишал пред своите 20 години, е под влијание на Бетовеновиот опус, и според некои биографи, таа е обид за втора верзија на „Ероика“. Довршена е во 1816, но премиерно била изведена дури на 19 ноември 1849 во Лајпциг, две децении по смртта на авторот.
Маестро Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за овој етаблиран холандски/јужноафрикански диригент кој се стекна со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката, благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигна својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертнисерии во Ротердам, Хаг и Амстердам, соопштуваат од Македонската филхармонија.