Православните верници во Црна Гора во вторник го прославија Божик во сенката на трагичниот настан во Цетиње во кој напаѓачот Аца Мартиновиќ од Цетиње уби 12 лица, од кои две деца.
Митрополитот Јоаникије од Српската православна црква во Црна Гора во својата божикна порака рече дека е убеден дека сите институции во таа земја, вклучително и црквите и верските заедници, можат да придонесат за општата безбедност, солидарност и подобрување на квалитетот на животот.
Во својата порака тој повика на враќање на мирот и спокојството во градот, наведувајќи дека сите мора да бидат длабоко загрижени поради предизвиканото зло и дека остануваат отворени многу прашања што да се прави за да не се повторат вакви несреќи во иднина. .
Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора поради трагедијата во Цетиње не ја одржа централната манифестација на бадниковото дрво пред цетинскиот манастир.
Митрополитот на Црногорската православна црква Михаило во своето божикно писмо наведува дека испраќа „посебен благослов и молитви за сите оние кои го дочекуваат овој Божик во тешки околности и несреќата што не снајде првпат, како и за болните, бездомниците и оние кои се далеку од саканата Црна Гора“.
Синоќа верниците на Црногорската православна црква во тишина ги наредија бадниковите огнови во Цетиње, на нивно барање без присуство на свештенството, по расколот во таа верска организација кога на таканаречениот „општ црногорски собор“ во септември, митрополитот г. Михаило беше пензиониран „по волја на верниците“, а на негово место бил поставен епископот Борис Бојовиќ.
Црногорската православна црква како автокефална црква продолжи со своите активности во 1993 година, откако беше распуштена и приклучена на СПЦ по крајот на Првата светска војна. На триесетгодишнината од возобновувањето, дојде до раскол во црквата што кулминираше минатата есен кога верниците најавија пензионирање на стариот и избор на нов митрополит, што митрополитот Михаило не го прифати.
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во својата божикна честитка истакна дека денот на Христовото раѓање годинава се дочекува во сенка на трагедијата во Цетиње, која однесе 12 невини животи.
„Ние длабоко сочувствуваме со семејствата и пријателите на жртвите, ја споделуваме нивната болка и се молиме за целосно закрепнување на ранетите, рече тој. Сега, повеќе од кога и да е, ни е потребна силата на заедништвото, солидарноста и меѓусебното почитување и разбирање“, рече Милатовиќ.
Аца Мартиновиќ од Цетиње на првиот ден од 2025 година уби 12 лица, меѓу кои две деца, а четворица тешко рани, по што се самоуби. Клиничкиот центар на Црна Гора соопшти дека тројца од ранетите се опоравуваат од повредите, додека четвртото лице кое има повреди на главата покажува знаци на закрепнување.
По трагедијата, во Црна Гора беше прогласена тридневна жалост, а сите планирани новогодишни и божиќни јавни настапи беа откажани.