Божиновска: Енергетиката е сектор од клучно значење за секоја држава, а во Македонија долго време е запоставен

Мнистерката за енергетика Сања Божиновска, во интервју за порталот „Жене од утицаја“, вели дека своето враќање во Македонија го гледа како можност да го искористи искуството од Европската Унија за подобрување на енергетската состојба во нашата земја. Како што истакнува, нејзината инспирација и мотивација лежат во нејзината желба да им помогне на жените да го најдат своето место во енергетиката и поширокиот деловен свет. А со својата работа сака да ги инспирира идните генерации женски лидери храбро да преземат одговорност и да го вложат своето знаење во подобрување на заедниците во кои живеат.

За тоа што е мотивот да влезе во политиката и во секторот енергетика, Божиновска вели дека по 25 години поминати во ЕУ и искуство во енергетскиот сектор, едноставно дошло време да ѝ помогне на својата земја.

„Подготвена сум да ги имплементирам европските практики и искуства во Македонија, бидејќи верувам дека Македонија може и заслужува подобро. Енергетиката е сектор што е од клучно значење за секоја држава, а во Македонија долго време е запоставен. Затоа мора да се направат системски промени за да имаме енергетска стабилност. Мојата цел е пред сѐ да воведам ред во овој сектор, да ја зголемам координацијата и да креирам постојани, а пред сѐ реални и одржливи политики во областа на енергетиката“.

За нејзиниот министерски ангажман, вели дека основна цел е да ги зајакне домашните производствени капацитети преку повеќегодишни и долгорочни инвестиции во енергетската инфраструктура кои ќе ја гарантираат енергетската стабилност и независност на Македонија, но и домашното производство на енергија како гаранција за конкурентноста на македонската економијата.

„Планираме реализација на капитални инвестиции со реална додадена вредност, така што одржливата, основната и домашната енергија ќе ни биде приоритет. Покрај изградбата на нови производствени енергетски капацитети, планираме да го завршиме и процесот на енергетско поврзување со нашите соседи. Односно да се поврземе со Албанија и директно со Србија, бидејќи сега далноводите одат преку Косово. Треба да го завршиме и гасното поврзување со Грција, но и да изградиме гасни интерконектори со Србија и Косово, што ќе и даде можност на Македонија да стане енергетски центар и да ги ужива придобивките од извозот на природен гас во соседните земји“.

Во однос на родовата еднаквост во политиката и поддршката на жените во енергетскиот сектор, министерката смета дека балканските земји се неколку чекори зад ЕУ во тој поглед.

„Треба да ги поддржиме жените не само во енергетскиот сектор, туку воопшто за да можат да ги покажат своите квалитети и да ги остварат своите амбиции. Еве, на пример, Македонија може да се пофали со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, прашањето за недоволно учество не е поврзано со недостиг на амбиција или образовна квалификација кај жените, туку тие се соочуваат со системски бариери и постојано обесхрабрување од професионалната сфера, јавната и приватната средина“.

Божиновска најави модернизација на постоечките и изградба на нови капацитети, како и соработка со меѓународни компании за поголеми инвестиции во енергетиката.

„Пред нас е и донесување на нови закони за енергија и за обновливи извори на енергија, каде ќе се обезбеди системско решение за складирање на електрична енергија од фотоволтаични централи, бидејќи тоа може да претставува сериозен проблем за системот“.

Нејзиниот совет до жените кои сакаат да заземат лидерски позиции е да бидат свои и упорни во остварувањето на своите цели.

А, за тоа која е нејзината визија за енергетскиот сектор во Македонија, Божиновска вели дека нејзината желба е државава да постигне енергетска независност и да стане нето извозник на електрична енергија.

Целото интервју на министерката Божиновска за „Жене од утицаја“, можете да го прочитате на следниот линк:
Intervju sa Sanjom Božinovskom (ministarka energetike, rudarstva i mineralnih sirovina Republike Sjeverne Makedonije): Vrijeme je za energetsku stabilnost