Божиновска: ЕСМ ќе остане под ингеренции на Владата, а МЕПСО ќе биде во рамки на Министерството за енергетика

-ЕСМ ќе остане под Владата, а МЕПСО ќе биде под Министерството за енергетика, изјави министерката за нергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за РСЕ.

Таа информира дека се работи на новиот Закон за енергетика и појасни дека, согласно европските регулативи, производството на струја и дистрибуцијата не може да бидат во рамките на исто министерство.

– Наследивме големи проблеми во сите енергетски сектори и моментално работиме на изработка на Законот за енергетика. Најмногу фокусот е на обезбедување на електрична енергија за граѓаните. Правиме стратегии, краткорочни и долгорочни. Краткорочните се фокусирани на рударскиот комбинат РЕК Битола и снабдување на јаглен и ангажирање на сите енергетски капацитети. Додека долгорочните се правање на нови капацитети. Крајот на минатата година потпишавме договори за скоро 100 мегавати за изградба на зелена енергија и се надеваме дека ќе продолжи ова темпо и понатаму, рече Божиновска.

Осврнувајќи се на тендерите за РЕК, оцени дека има поголем криминал од оној што е опфатен со акцијата „Адитив“.

– Со доаѓање на функцијата, минатата година разговарав со државниот ревизор и побарав оваа година да бидат вклучени сите енергетски објекти во ревизијата. Зборувавме што се случувало во МЕПСО, РЕК Битола и имам сознание дека, на пример, околу 400 милиони евра се потрошени за набавка на електрична енергија. За „Адитивот“ знаев и го поздравувам. Добро е што се почна од некаде. Се надавам дека ова нема да биде само еден случај и се надевам дека ќе има судска разрешница за сите овие неправилности, изјави Божиновска.

По посетата на РЕК Битола министерката констатирала дека ситуацијата во Комбинатот е катастрофална и затекнала недомаќинско работење.

-Не е водено грижа ниту за блоковите, не е направен никаков ремонт, неквалитетниот јаглен има доведено до многу оштетувања. Меѓутоа, сега сме во зимскиот период и ние направивме со раководството на РЕК, со натчовечки напори, изготвен во соработка со Рударскиот институт од Штип, рударски проект. За оваа година ќе се работи на зајакнување и нормализирање на блоковите и ќе има сериозен ремонт од 1 април па натаму, истакнува Божиновска.

Министерката во интервјуто зборува и за изградбата на фотоволтаичните централи.

–Со МЕПСО работиме на изработка на мастер грид на нашата мрежа, точно е дека ќе има над 1.000 мегавати до крајот на годината од обновливи извори. Секако во согласност со нашите европски партнери за зелена транзиција. Мора да овозможиме нашата мрежа да може да ги прими додатно овие капацитети. За сето ова е потребно време, меѓутоа и финансиски средства. Со финансиските институции ќе се прошири нашата мрежа. Ланиа потпишавме со ЕБРД проект от 36,5 милиони евра, меѓутоа и понатаму ќе работиме за да можеме да ги примеме сите овие мегавати и ќе направиме ревизија на издадените 9.500 мегавати, кои се реални, истакнува Божиновска.