Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска, во состав на македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, учествува на Самитот на шефовите на држави и влади на членките на Европската политичка заедница, кој се одржува во замокот Бленхејм, во близина на Лондон.
Самитот се одржува четврти пат, а во рамки на утврдените теми, како помошта за Украина, справувањето со нелегалната миграција, состојбата со демократијата и сл., посебен акцент е ставен на прашањата од доменот на енергетиката и регионалата поврзаност, како битен предуслов за натамошно унапредување на регионалната соработка, зајакнување на енергетската безбедност и отпорност.
Како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска учествуваше на тркалезната маса на тема енергетиката и регионалата поврзаност, на која говореше и премиерот Мицкоски.
– За време на настапот беа изложени приоритетите на новата влада во доменот на енергетиката и енергетската безбедност, модернизацијата на постоечките енергетски капацитети, намерите за натамшно поврзување со соседните земји, а исто така, беше промовирано и новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, преку кое нашата држава ќе настојува да се промовира како значаен енергетски партнер и потенцијална дестинација за инвестиции во обновливи извори, се вели во соопштението.
Учесниците на тркалезната маса, како што се наведува, разменија мислења во однос на постоечките предизвици во делот на енергетиката со кои се соочува европскиот континент, пред се, поради руската воена агресија врз Украина, нестабилноста на енергетските пазари и снабдувањето со енергенси како нафта и природен гас, а воедно дискутираа и за натамошните чекори и соработката, преку кои би се намалиле штетните влијанија за стопанствата на европските држави.
Министерката Божиновска остварила разговори со повеќе колеги, министри за енергетика со кои се предвидени заеднички активности во наредниот период.