Според аналитичарот Владимир Божиновски избори мора да има, но доколку постои одреден ризик од пренесување на пандемијата Ковид-19, тоа би било недозволиво. И затоа, за тоа дали и кога ќе се одржат изборите исклучиво ќе мора да решат медицинските стручни лица, односно Комисијата.
-Немам намера да се мешам во доменот на медицината. Тоа што мене ме интересрира како граѓанин е мислењето на Комисијата, а тоа е од кога спрема нив може да биде безбедно за одржување на изборите. Ние мораме да имаме избори и да добиеме функционален Парламент, но сето тоа да не биде на ризик врз здравјето на граѓаните, рече Божиновски во денешната анализа во емисијата “Отворено студио” на 24 телевизија во однос на тоа што донесе денеска лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Исто така, тој додаде дека и според СДСМ и според ВМРО-ДПМНЕ, а и ДУИ и Алијансата многу е важно и присуството на странските набљудувачи од мисијата на ОБСЕ за време на изборите.
-Од искуствата од минатото, без присуство на странски набљудувачи, наместо нов парламент може да дојде до нова политичка криза. Така што тоа е еден од приоритетите на сите политички партии. Затоа и ДИК мора да излезе со став и да каже за колку денови можат да ги организираат тие избори. Изборната комисија мора да гарантира организирање на избори во други здравствени услови, затоа што пандемијата да се разбереме наметна плус други услови кои мораат да се предвидат и изорганизираат за да се заштитат граѓаните на избирачките места, вели Божиновски.
Новото Собрание би било легитимно само доколку излезноста е поголема, а тоа ќе биде кога граѓаните ќе бидат сигурни дека ризикот од пренесување на коронавирусот е доведен до минимум и не постои никаква закана по нивното здравје, изјави аналитичарот Владимир Божиновски по однос на излезноста и легитимитетот на изборите, во денешната емисија “Отворено студио” на 24 телевизија.
– Не може на постарите граѓани од над 65 години кои до сега им било дозволено движење од своите живеалишта само 2 часа, сега да им кажете е сега можете слободно да излезете и да идете на гласање. Затоа сметам, без никакви партиски калкулации, најдобар период за организирање на изборите е кон крајот на летото затоа што тоа ќе обезбеди најмала можност за некаква зараза, ќе има поголем одзив на гражаните и тоа ќе даде легитимитет на новото собрание, дециден е Божиновски.