Божиновски: Разликата на парламентарните меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе биде најмалку 20 пратеници, не успеаја уставните измени власта нема со што да излезе

Не е добро за власта кога расположението кај граѓаните е видливо без анкети. Самото расположение кај граѓаните покажува сериозна разочараност во односот на делувањето на актуелната власт како што не паметам досега. Вакво разочарување досега немало, а тоа се одразува и на самите анкети, изјави аналитичарот Владимир Божиновски за „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.

Тој истакна дека оваа разлика на последната анкета која е континуирана, се зголемува од локалните избори навака и не остава простор за друга опција, односно сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на парламентарните избори.

Според него откако на СДСМ не им успеаја уставните измени, сега не знам како да ги повлечат следните чекори.

-Сега нема промена на Устав, разликата може само да се зголемува, како поминува време така расте довербата дека ВМРО-ДПМНЕ стои на кажаното и ги штити националните интереси, довербата во нив расте. Сега имате влада која од 2020 досега нема ништо направено освен да повторува за евроинтеграции и да не води во ќорсокак. Ќе излезат на избори и што ќе кажат?, вели тој.

Божиновски посочи дека единствен политички ас на СДСМ им беше промена на Устав и друг чекор сега немаат и истакна дека разликата на парламентарни во корист на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде најмалку 20 пратеници.