Катица Јанева и самата институција Специјално јавно обвинителство имаа добра шанса да се промовираат како институција која надвор од актуелниот политички систем и секакво влијание ќе може да ги штити и брани интересите на државата и на граѓаните. Мене ми е криво што сето тоа се упропасти, за сега и за понатаму, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски при гостувањето во шоуто на Миленко Неделковски.
-Кога некого не го знаеш му пристапуваш со еден позитивен став и многу е полесно тој човек или институција да го одбрани тој позитивен став отколку да го упропасти целосно, да го уништи целиот личен или професионален кредибилитет и после некој друг да треба од нула да започне да гради нов кредибилитет. Очигледно доколку продолжи да функционира ова СЈО и понатаму, тој следниот што ќе дојде ќе биде во незавидна ситуација. Специјалната обвинителка успеа за само неколку месеци целосно да си го урне и својот сопствен, личен и професионален кредибилитет и кредибилитетот на целата институција СЈО, смета Божиновски.
Тој додава дека ако веќе некој го изгуби кредибилитетот, не треба да очекува некој да му верува.
-Како поминува времето не се ни прават обиди тој нарушен кредибилитет да се поврати, туку дополнително се цементира оној став за неспособност или за политичка пристрасност. Никој не смее да си дозволи некој лидер на политичка партија да излегува и како пророк да кажува што ќе се случува, а тоа обвинителство после неколку дена да испорачува. Како е возможно тоа? Не може некој политички претставник да се меша во нивната работа. Но, очигледно сега ова СЈО се користи повеќе како алатка или инструмент на политички маркетинг на опозицијата, отколку како независна институција која треба да гони криминал, заклучува Божиновски.