После три години судски процес, конечно се очекува разврска на скандалот со обложување на ракометни натпревари во француското првенство.
Случајот во кој главна улога имаат браќата Никола и Лука Карабатиќ, ќе добие краен епилог, а барем според оние првични информации, обвинителот се откажал од затворски казни. Казните кои ќе ги добијат инволвираните во овој процес ќе бидат условни и парични, а по се изгледа дека најлошо ќе помине Младен Бојиновиќ, кој ќе заработи 3-месечна условна казна и ќе треба да плати 60 илјади евра.
Браќата Карабатиќ исто така ќе добијат условна казна во траење од 3 месеци, а ќе треба да платат и 30 (Никола) односно 20 илјади евра (Лука). По 20 илјади евра ќе платат и Драган Гајиќ, Исам Теж и Самуел Онрубиа, 15 илјади ќе плати Примож Прост, додека Микаел Робин ќе биде “олеснет” за 10 илјади евра. Казна ќе платат и девојките на Никола и Лука Карабатиќ, Џералдин и Џенифер и тоа по 7,5 илјади евра.
Во скандалот со обложување беа вклучени вкупно 15 лица, а е од периодот кога Карабатиќ го носеше дресот на Монпеље. Конечната одлука на францускиот суд треба да биде донесе до крајот на оваа недела.