Зголемените цени на енергијата и материјалите, како и послабата побарувачка предизвикаа бран банкротиства на средни и големи компании во Германија во првата половина од годината, објави деловниот весник Handelsblatt.
Во периодот од јануари до јуни барање за објавување стечај поднеле 162 компании со промет поголем од 10 милиони евра, пишува Handelsblag, повикувајќи се на анализата на консултантската компанија за преструктуирање на бизнисот „Falkensteg“.
Бројката е за 41 отсто поголема од истиот период минатата година, наведува весникот, истакнувајќи дека скокот е значително поголем од она што го очекувале во „Falkensteg“, прогнозирајќи раст од 30 отсто на почетокот од годината.
Најмногу барања поднеле компаниите од секторот за недвижности, добавувачите на автомобили и производителите на машини, наведува Handelsblatt.
Причините за прогласување банкрот се постпандемиската криза, инфлацијата, растот на цените на енергијата и материјалите и слабеењето на побарувачката. Реструктуирањето и инвестициите во пропаднатите компании се попречени од глобалната криза, лошите изгледи за германската економија и високите каматни стапки, според извештајот на Handelsblag.
Германската индустриска и трговска комора DIHK предвиде во мај продолжување на нагорниот тренд на банкроти, посочувајќи дека германската економија е попречена од структурни проблеми како што е недостатокот на квалификувана работна сила.
Во 2023 година банкрот прогласиле 17.814 компании, за 22,1 отсто повеќе од 2022 година, покажуваат податоците на заводот за статистика Destatis.