Бран од 150.000 бегалци им се заканува на медитеранските земји поради војната во Украина и недостигот од храна

Медитеранските земји на главните мигрантски рути во Европа очекуваат дека во нив ќе дојдат повеќе од 150.000 луѓе оваа година, бидејќи недостигот на храна предизвикан од судирот во Украина може да предизвика нов бран миграција од Африка и Блискиот исток.

„Оваа година се очекува земјите членки кои се први на удар да примат повеќе од 150.000 мигранти“, изјавил денеска кипарскиот министер за внатрешни работи Никос Нурис, по состанокот со колегите министри на земјите членки од групаа MED5 во Венеција, пренесува Ројтерс.

Според податоците на агенцијата за бегалци при ОН, “UNHCR”, околу 36.400 баратели на азил и мигранти веќе дошле во Италија, Шпанија, Грција, Кипар и Малта оваа година. Минатата година во овие земји пристигнале 123.318 мигранти.

Вкупните броеви, меѓутоа, остануваат значително пониски од оние од 2015-та година, кога повеќе од милион мигранти пристигнале во петте наведени земји, бегајќи од судирите и сиромаштијата ширум Африка и Блискиот исток.

„Недостигот на пченица и други житарки би можел да влијае на 1,4 милијарди луѓе“, изјавил во петокот кризниот координатор на ОН Амин Авад, додавајќи дека се потребни преговори за пристаништата во Украина да се деблокираат за да се избегне глад.

Министрите на Грција, Кипар, Малта, Италија и Шпанија ја формираа групата “MED5” минатата година за единствено да настапуваат кон ЕУ по праќањето за новиот договор за миграција.