![tik tok zabrana](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/tik-tok-zabrana.jpg?resize=696%2C430&ssl=1)
Кинеската социјална мрежа TикТок се соочува со бран тужби во САД, бидејќи нејзиниот алгоритам, според обвинителите, ги наведува децата и ранливите луѓе да извршат самоубиство.
Во рамките на персонализираниот извор, ТикТок им препорачува на корисниците содржини кои говорат за депресија, безнадежност, смрт и други мрачни теми, пренесува Блумберг.
Претседателот на таа компанија, Шо Чу поради споменатите контроверзи минатиот месец мораше да одговара на непријатни прашања во американскиот Конгрес. Родителите на американскиот тинејџер Чејс Наске (16), кој се самоуби минатата година, наводно под влијание на мрачна содржина препорачана од ТикТок, во март покренаа тужба против компанијата.
Родителите на Чејс Наске, врз основа на податоците од неговиот телефон, тврдат дека тинејџерот не барал активно таква содржина, туку дека тоа му е предложено од алгоритамот. Оригиналниот алгоритам на ТикТок, кој препорачува содржина е креиран од група инженери во Кина кои работат за компанијата „ByteDance“, која е сопственик на ТикТок, но сега се користи насекаде во светот освен во Кина, додаде Блумберг.
Во Кина, невозможно е да се преземе апликацијата ТикТок. Таа кинеска социјална мрежа тврди дека нејзиниот алгоритам сега го одржуваат тимови инженери ширум светот, од Северна Америка, Европа и Азија. Десеттина луѓе кои биле вработени во ТикТок тврдат дека клучевите од алгоритмот сè уште ги држат шефовите и инженерите во Пекинг.