Адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски, во предметот „ТНТ“, ја повика судијката поротничка Лилјана Ивановска-Кочковска, да не потпаѓа, како што вели, на било какви притисоци, закани, уцени, ветувања и гаранции и во писмо испратено до медиумите и порача да не се појавува повеќе на рочишта бидејќи, како што посочува, нејзиниот мандат како судија поротник е веќе истечен.
„Верувајте ми ќе ве искористат, ќе избегаат од вас и ќе ве остават сама да се справите со последиците од вашето незаконско дејствување“, и порачува Страшевски на судијата-поротник во овој предмет.
Тој ја потсетува Ивановска-Кочковска дека нејзиниот мандат престанал во декември минатата година и дека ако продолжи да се појавува на судските рочишта во својство на судија поротник ќе стори, како што вели, кривично дело – лажно претставување.
„Како поранешен поротник го ценам вашиот ангажман и труд да придонесите кон владеење на правото во нашата земја и се надевам дека после ова обраќање вашата совест и свест ќе проработи и нема да дозволите за туѓи интереси бидете натерана да работите спротивно на закон. во наредниве денови очекувам од вас на оние кои ви дале шанса до истекот на вашиот мандат чесно и одговорно да ја вршите својата функција да им се заблагодарите за укажаната можност а на вашите досегашни колеги да им се заблагодарите за досегашната соработка и повеќе не доаѓате на судските рочишта за било кој предмет во својство на судија – поротник“, пишува Страшевски.
Утринава соопштение до јавноста испрати и адвокатот на обвинетата Елисавета Најдовска, Мерџан Даути, кој го повика Кривичниот суд да го почитува Законот за употреба на јазиците и да му обезбеди превод на албански јазик на сите списи и докази од двегодишното судење за овој предмет.