Уредникот на Плусинфо, Бранко Героски, уште еднаш застана во улогата на гласноговорник на СДСМ. Со големи пофалби до екс-лидерот Бранко Црвенковски, Героски во својата последна колумна, само потврди дека Заев може да остане прв опозиционер, само со силна поддршка од својот претходник. За новинарскиот пиун на СДСМ, токму Црвенковски е најмудар од сите кои минаа низ столчињата на Бихаќка, поради што го повикува тој да го даде последниот збор.
Не штедејќи силни комплименти за ликот и делото на Црвенковски, Героски отиде дури дотаму што и трансзицијата во Македонија ја препиша како успех во времето на владеење на екс-лидерот на СДСМ.
-За македонската транзиција се кажани многу нешта. За „криминалната“ приватизација, уште повеќе. Темата е неисцрпна, но јас ќе наведам само еден податок – најголемите успешно и „неправедно“ приватизирани компании во тоа време (Скопската железарница, „Скопска пивара“, „Алкалоид“, „Фершпед“ итн) денес се најуспешните македонски компании. Како и да е, поради болните ефекти на овој процес (зголемена невработеност, неправди, криминал), Бранко Црвенковски стана персонификација на нашата транзициска болка, стана „транзициски политичар“. Таа етикета го следи до денешно време, кога сме сведоци на многу поголеми и пострашни криминали и неправди. Таа етикета беше „аргумент“ и за барањето тој да си замине од политичката сцена, пишува Героски.
Новинарот кој со години е близок до Црвенковски, вели дека екс-лидерот на СДСМ не треба да биде обвинет за транзицијата во Македонија. Меѓудругото тој признава и дека Црвенковски се уште треба да го има главниот збор на Бихаќка.
-Сум кажал и пак ќе кажам, без оглед што некои тоа бездруго погрешно ќе го разберат и интерпретираат – Црвенковски незаслужено ја презеде целата вина за македонската транзиција, а како релативно млад човек, но исклучително искусен и талентиран политичар, тој го нема кажано последниот збор во светот на политиката. Дури и како обичен член на СДСМ, Бранко ѝ е потребен на партијата. Тој е нејзин капитал. И навистина не можам да сфатам како некои луѓе, кои знаат дека Бранко, Зоран, Радмила и многу други од раководството на СДСМ некогаш, што се вели, од иста вреќа сол јале, денес не можат да ги замислат никако поинаку освен како закрвени противници кои чекаат момент еден на друг очите да си ги извадат, пишува Героски.
Новинарот во својата колумна апелира да се обнови единството во СДСМ, признавајќи дека во партијата постои поделба на “бранковисти“ и „заевисти“. Според него, помирувањето треба да го направи лично Црвенковски.
-Затоа, се придружувам кон апелите во СДСМ да се обнови единството. А ако ме прашувате како да се стори тоа и кој треба прв да подаде рака и да го скрши мразот, јас имам многу едноставен одговор – тој што е најстар, најголем и најмудар. А кој друг, прашува Героски.
По своето заминување, Црвенковски остави „аманет“ во партијата, како што за свој наследник доби човек по своја мерка. На политичарот кој сакаше да издејствува Отпор, најмногу му одговара на неговото столче да седи човек кој може да го држи под своја контрола и кој му е должник. Аболицијата која ја доби од Црвенковски, за криминал од над 8 милиони евра, ќе биде долг кој секогаш ќе го обврзува Заев да го следи чекорот и насоките од својот претходник.
И Бранко Героски во својата колумна не ги крие добрите релации и односи меѓу двајцата лидери на СДСМ. Тој пишува дека на Црвенковски не му одговара лидерска криза во партијата.
-Денес, кога ги гледам овие погубни обиди во СДСМ да се наметне поделбата на „бранковисти“ и „заевисти“ и овие настојувања товарот на целата одговорност за последниот изборен пораз неправедно да се префрли врз плеќите врз Заев, како што порано се префрлаше врз Црвенковски, помалку сум дури и разочаран. Не многу, бидејќи мислам дека состојбата не е толку трагична како што некои се трудат да ја прикажат. Толку колку што го запознав Бранкота (а не тврдам дека добро го познавам), мислам дека би можел да кажам дека тој не стои зад овие настојувања во партијата да се наметне лидерска криза и фракционерска борба. Верувам дека и Црвенковски не посакува СДСМ да стане она што некогаш беше, во долгиот период од последната голема победа во 2002 година, до силната мобилизација во 2011 година – партија во која политиката се водеше по кафулињата од Бихаќка до Ленинова, пишува уредникот на Плусинфо.
СДСМ на 11-ти месецов ќе има свој Конгрес. Голем број на партиски функционери блиски до Црвенковски веќе побараа одговорност од Заев и Шекеринска и нивни оставки.
На гласањето доверба на лидерот Зоран Заев и неговата заменичка Радмила Шекеринска, актуелното раководство ќе треба да даде и отчет за изборниот пораз пред членовите на партијата.
Познавачите сметаат дека со оглед на тоа што Заев ја нема поддршката на голем дел од делегатите и членството, единствениот начин актуелниот лидер на партијата да остане на чело на СДСМ е поддршката од неговиот претходник Бранко Црвенковски.
Останува да видиме дали Црвенковски ќе ја смири топката меѓу своите, инсистирајќи Заев да остане на чело на партијата и покрај осмиот и деветиот изборен пораз.