Бранко Героски: Уште една шверцерска измена на Законот за медиуми – па не ви е ли срам, магариња едни?!

Па добро бре, шверцери владини, толку ли ви беше тешко во членот 2 од Законот за медиуми да додадете само два збора – интернет медиуми, или интернет портали, или онлајн медиуми? Тоа нема да ја чини државата ни 1 денар! Па како не им е срам на сите министри, на политичките партии коишто партиципираат во техничката влада, на новинарските здруженија и на сите други општествени фактори кои со години јадат трици дека порталите мора да се регулираат бидејќи наводно биле извор на неквалитет и на сето зло во македонскиот медиумски простор, а сега еве, се помируваат со тоа во очи на изборите, Законот за медиуми да се менува вака шверцерски, само со цел на печатените медиуми да им се дала еднократна помош за преживување?!, вели во својата колумна за Плусинфо.мк Бранко Героски.

Владата продолжува со практиката на селективно, арбитрерно и коруптивно доделување буџетски пари на медиумите. Без скрупули. Без срам.

Овој пат пари од даночните обврзници ќе добијат печатените медиуми. За таа цел владата усвоила измени на Законот за медиуми. „Аргументите“ во образложението се неодржливи и смешни. Бидејќи од авион се гледа дека е ова класична предизборна корупција!

Ај, настрана парите. Веќе се навикнавме владата да им дели народни пари на медиумите од ракав. Пред некој ден пари добија радиодифузерите. Сега печатените медиуми. И ете, тој криминал што се случува пред нашите очи, никому не му пречи…

Она што во случајов е уште побезобразно е што владата не почувствувала потреба во Законот за медиумите, во членот 2, каде што се дефинираат медиумите, да се внесат онлајн медиумите односно интернет порталите.

Здружението Онлајнмедиа цела една година лобира и буквално моли интернет порталите да станат дел од Законот за медиуми.

За разлика од здруженијата на радиодифузерите и на печатените медиуми, чии претставници постојано бараат некакви државни пари – и ете, добиваат! – ние, како претставници на онлајн медиумите, од никого не баравме државни пари.

Ние рековме вака: ако државата оценува дека има потреба да им помага на медиумите, нашиот став е државната поддршка да биде системска, неселективна и насочена кон медиумските работници, а не кон медиумските газди. Предложивме и конкретно решение како да се стори тоа.

Но, ние не баравме некакво палијативно решение или еднократна помош. Бидејќи сметаме дека тоа би било барање поткуп.

Сѐ што баравме е да бидеме дел од дефиницијата на медиумите, во членот 2 од Законот за медиуми. И ако евентуално Законот предвиди формирање Регистер на онлајн медиуми, рековме дека тоа ќе го поддржиме.

Со други зборови, она што ние го баравме државата нема да ја чини ниту 1 денар!

Баравме законски статус, а не пари од даночните обврзници!

И замислете, тоа барање упорно и упорно се игнорира.

Па добро бре, магариња едни владини, толку ли ви беше тешко во членот 2 од Законот за медиуми да додадете само два збора – интернет медиуми, или интернет портали, или онлајн медиуми?

Знаете ли вие дека во дефиницијата на медиумите сѐ уште стои телетекстот – видел ли скоро некој од вас телетекст, магариња едни! – а ги нема интернет порталите.

И што треба ние да сториме, за да ве убедиме дека интернет медиуми мора да бидат дел од Законот? Треба и ние да питачиме од вас народни пари, да ви се закануваме дека ќе ви ги спуштаме камерите и дека нема за вас да информираме, да ве лажеме дека со еднократна помош ќе се спасиме од пропаст?

Нема ние да пропаднеме и без вашите пари, магариња едни владини!

Ние веќе сме доминантен сегмент на вкупната медиумска индустрија и после изборите ќе бидеме тука да ве прашуваме како смеевте вака да делите народни пари. Сите поединечно ќе ве прашуваме!

Па како бре не ви е срам?!

Па како не им е срам на сите министри, на политичките партии коишто партиципираат во техничката влада, на новинарските здруженија и на сите други општествени фактори кои со години јадат трици дека порталите мора да се регулираат бидејќи наводно биле извор на неквалитет и на сето зло во македонскиот медиумски простор, а сега еве, се помируваат со тоа во очи на изборите, Законот за медиуми да се менува вака шверцерски, само со цел на печатените медиуми да им се дала еднократна помош за преживување?!

Овој пат нема да ги повикам новинарските здруженија да реагираат. Тие се дел од овие процеси на државно корумпирање на македонските медиуми. Со непостапување и со својот срамен молк.

Го повикувам техничкиот премиер Талат Џафери да го повлече усвоениот предлог за изменување на Законот за медиуми, за да се доработи, со цел да се регулира законскиот статус на онлајн медиумите.

Ако тоа не се случи, ги повикувам чесните политички партии да поднесат амандмани на предлог-законот за изменување на Законот за медиуми, со цел интернет порталите конечно да најдат свое место во овој закон.

Ако, пак, ништо од сето ова не се случи и доколку измените се донесат така како што се предложени, го повикувам актуелниот претседател Стево Пендаровски да не го потпише. Така на дело ќе го потврди она што го кажа пред некој ден, дека ќе повел разговор со здружението Онлајнмедиа за законска регулација на онлајн медиумите.

Здружението Онлајнмедиа и натаму стои на располагање за објаснување на своите предлози за законска регулација на интернет порталите.

Извор: Плусинфо.мк