Бранко Тричковски не се појави во судница против Тони Михајловски

Во Кривичниот суд денеска се одложи рочиштето „Бранко Тричковски против Тони Михајловски“ – актерот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во судницата дојде само обвинетиот Михајловски и неговиот адвокат, додека Тричковски не се појави, па судијата на шала прокоментира:„Тричковски го нема а? А да го донесеме со комбе следниот пат?“.

Михајловски пред судот се изјасни за невин и додаде дека погрешно е протолкуван неговиот Фејсбук статус.

Не сум имал никаква намера и немам никакво криминално досие, рече тој.

Јавното обвинителство поднесе обвинителен предлог против Тони Михајловски за сторено кривично дело загрозување на сигурноста (член 144 став 4 од Кривичниот законик), поради закана за убиство на новинарот Бранко Тричковски објавена на социјалната мрежа „Фејсбук“. За ова дело е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна.

Михајловски на својот Фејсбук профил на 16 јуни 2017 напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми Боже“.

Рочиштето е одложено за 16 април.