Бразил ќе го изложи срцето на монархот кој во 1822-ра прогласи независност

Срцето на португалскиот монарх Дом Педро Први, кој пред 200 години ја прогласил бразилската независност од Португалија и е прогласен за „цар“ на Бразил, стаса од Португалија во понеделникот и ќе биде изложени во рамките на прославата на годишнината од независноста на најголемата латиноамериканска држава.

Срцето се чува во урна со формалдехид во португалскиот град Порто од смртта на Педро Први во Португалија во 1834 година на 35-годишна возраст.

Португалија се согласи да му го отстапи срцето на Бразил на три седмици за прославата од двестегодишнината. Бразилските воздухопловвни сили го доставија во престолнината Бразилија, каде што во понеделникот го пречека бразилскиот министер за одбрана.

Крајно десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонари ќе ја прими реликвијата во вторникот во претседателската палата со воени почести и почесна стрелба, пред срцето да биде изложено за јавноста во Министерството за надворешни работи до Денот на независноста на Бразил на 7-ми септември.

Декларацијата за независност од Португалија на Дом Педро Први, којашто бразилските националисти ја нарекуваат раѓањето на нивната земја, била чин на пркос кон неговиот татко португалскиот крал Жоао Шести.

Семејството на португалскиот крал во 1807 година британската морнарица го евакуирала во Бразил, пред силите на францускиот император Наполеон да ја нападнат Португалија. По враќањето во Лисабон во 1821 година, Жоао Шести го оставил својот син Педро како принц регент во Бразил.

Срцето на Педро е извадено во 1834 година и се чува во црква во Порто, според неговата последна желба. Неговите посмртни останки му беа отстапени на Бразил во 1972 година при одбележувањето на 150-годишнината од независноста и се чуваат во музејот во Сао Паоло.