Бразил го сака Жозе Мурињо за селектор

Откако селекторот Тите поднесе оставка по елиминацијата од Хрватска во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, челниците на Бразилската фудбалска федерација (CBF) почнаа да бараат негов наследник.

Првото име на бразилската листа на желби беше тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, сепак италијанскиот стручњак не сакаше да го напушти „Кралскиот клуб“.

„Немам намера да го напуштам Реал пред да ми истече договорот, кој е до крајот на јуни 2024 година“, изјави Анчелоти во интервју за Radio RAI.

Италијанскуот дневен весник La Repubblica објави дека Бразилците сега го сакаат португалскиот тренер на Рома Жозе Мурињо и веќе почнале преговори со неговиот агент Жорже Мендеш. Мурињо пред пет години призна дека водењето на Бразил во иднина би било „возбудливо“.

Сепак, италијанските медиуми пренесуваат дека Рома не сака да се раздели со својот тренер со кој има договор до 2024 година, ниту, пак, е подготвена да му дозволи да преземе двојна улога.

Петкратните светски шампиони беа еден од фаворитите за освојување на Светското првенство во Катар, но избраниците на Тите беа неочекувано поразени од Хрватска по пенал-рулетот. Само два часа по шокантниот пораз за Бразилците, Тите поднесе оставка со што заврши шестгодишниот мандат на чело на националниот тим.