Бразил повикува на ревизија на ОН

Во бразилската метропола Рио де Жанеиро во средата беше отворена конференцијата на министрите за надворешни работи од групата земји Г20, а Бразил ги обвини Обединетите нации и другите мултинационални организации за неуспех во запирањето на војните и конфликтите.

Бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира повика на „длабока реформа“ на глобалното управување, како главен приоритет на Бразил за годинешното претседавање со групата најголеми светски економии.

„Мултилатералните институции не се соодветно опремени за соочување со моменталните предизвици, како што покажува неприфатливата парализа на Советот за безбедност (при ОН) во однос на тековните судири. Оваа состојба на неактивност резултира со губење на невини животи“, рече Виеира на отворањето на дводневниот состанок чија задача е подготовка на дневниот ред на годишниот самит на Г20 кој ќе се одржи во ноември.

Шефовите на дипломатијата на земјите од групата Г20, во кои се моментално силно антагонизираните светски сили САД и Русија, ја започнаа слободната дискусија за моменталните светски тензии и начините за подобрување на мултилатералните организации, што е приорите што го постави бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва, покрај справувањето со климатските промени и намалување на сиромаштијата во светот.

Покрај војната меѓу Русија и Украина, и онаа во палестинската енклава Појасот Газа, како што вели Израел против исламистичкото движење Хамас, дипломатите не се оптимисти во поглед на прифаќање на предлогот за подобрување на глобалното управување на овој самит на Г20.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со бразилскиот претседател Лула да Силва и му ја изрази поддршката на САД за бразилскиот план глобалното управување да се направи поефикасно, изјави за медиумите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Блинкен, кој има потекло на еврејски имигранти од руското царство, со Лула разговарал за војната во Газа, и тоа откако бразилскиот претседател ја спореди војната во пренаселената палестинска енклава со речиси 30.000 жртви за четири месеци со нацистичкиот геноцид над Евреите во Втората светска војна.

Лула остро ги критикуваше Обединетите нации поради неуспехот во решавањето на деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, а неговите минатонеделни обвинувања за воени злосторства од страна на Израел и споредбата со холокаустот предизвикаа дипломатска криза при што е прогласен за „непожелна личност“ во еврејската држава.

„Бразил не го прифаќа светот во кој разликите се решаваат со употреба на воена сила. Многу значаен дел од светот се одлучи за мир и не прифаќа да биде вклучен во судирите кои ги почнуваат други земји“, рече шефот на дипломатијата Виеира.