Бразилците тренираат пенали пред мечот со Белгија

Бразилскиот селектор Тите рече дека е противник на правилото победникот да се одлучува по пенал рулетот, но додаде дека неговите играчи вежбале пенали во пресрет на денешната четвртфинална средба на Светското првенство против Белгија.

Мислам дека пеналите не би требало да го одлучуваат победникот, тоа не ми се чини дека е праведно. Но не знам што да предложам како алтернатива, изјави Тите.

Изведувањето пенали беше воведено на СП 1978 година, а пред тоа натпреварите во нокаут фазите кои беа без победник се преигруваа. Бразил четири пати на мундијалите иведувал пенали, а три пати беше успешен.

Само Германија и Аргентина се подобри, тие славеа по четири пати по пенал рулетите.

Бразил на Светското првенство во 1986 година во четвртфиналето беше елиминиран од Франција, а триумфираше во финалето на Светското првенство во 1994 година кога беше подобар од Италија, па во полуфиналето на Светското првенство во 1998 година ја победи Холандија, а го победи и Чиле во осминафиналето на Светското првенство во 2014 година.

Трениравме пенали. Но за време на натпреврот се е сосема поинакво бидејќи одговорноста е голема и најважно е да се контролираат емоциите, додаде Тите.