Бразилската полиција во понеделникот беше распоредена во кампот на приврзаниците на десничарскиот поранешен бразилски претседател Жаир Болсонаро во главниот град Бразилија, откако демонстрантите кои се сомневаат во исходот од претседателските избори упаднаа во бразилските државни институции, што е најлош инцидент од враќањето на демократијата во 1980-те години.
Откако илјадниците приврзаници на Болсонаро упаднаа во Конгресот, Врховниот суд и Претседателскиот дворец во неделата, стотици полицајци, некои на коњи, беа распоредени во нивниот камп пред воениот штаб во Бразилија додека војниците се повлекоа од областа, рекле очевидци за агенцијата Reuters.
Претседателот Луис Инасио Лула да Силва, левичарскиот ривал на Болсонаро, кој ја презеде функцијата на 1-ви јануари по неочекувано многу тесната изборна победа во вториот круг на изборите во октомври, вети дека ќе ги изведе одговорните за насилството пред лицето на правдата откако демонстрантите упаднаа во државните институции и се обвинети за кршење на прозорците и мебелот, наводно уништивање уметнички дела и крадење оружје и уметнички дела.
Лула, кој во неделата не беше во Бразилја а во понеделникот се врати во претседателската резиденција, планира да се сретне со министерот за одбрана и командантите на вооружените сили за да разговараат за нападите.
Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, ги осуди нападите, додека Болсонаро, кој се наоѓа на Флорида, негираше дека ги охрабрил своите поддржувачи и рече дека тие „претерале“.
Камионџиите кои го поддржуваат Болсонаро, кои со недели предизвикуваат хаос на патиштата во Бразил, одржаа повеќе протести во текот на ноќта.
Врховниот судија Александре де Мораеш нареди гувернерот на Бразилија да биде суспендиран од функцијата на 90 дена поради нарушувања на безбедноста а социјалните платформи Fecebook, Twitter и ТikTok да ги блокираат профилите на корисниците кои шират „антидемократска пропаганда“. Матичната компанија на Facebook – „Meta“ во понеделникот соопшти дека ја отстранува содржината што го поддржува или го пофалува инцидентот. Telegram, TikTok, Twitter и YouTube не одговорија на барањето на Reuters за коментар.
Лула, поранешен синдикален лидер кој беше претседател од 2003 до 2010 година а минатата деценија осуден за голем скандал за копрупција и мито кој подоцна беше поништен, рече дека локалната полиција која одговара пред гувернерот на Бразилија, Ибанеиш Роча, поранешен сојузник на Болсонаро, не направила ништо за да ги спречи демонстрантите.
Лула ги прогласи федералните власти задолжени за безбедноста во главниот град и вети соодветна казна за водачите на „фашистичкиот“ напад чијашто цел била „да предизвикаат воен удар„ што ќе го врати Болсонаро на власт. Тој го обвини Болсонаро дека ги поттикнал своите поддржувачи да го сторат тоа, откако наводно неосновано тврдеше дека изборите му биле украдени. Болсонаро не го признава тоа и на Twitter порача дека мирните протести се демократски, но дека упадите во владините згради „ја минала мерата“.
Сојузниците на Лула се прашуваат зошто безбедносните сили во градот не биле подготвени додека демонстрантите со денови дискутираа за своите планови на социјалните мрежи. Упадот на владините згради бил наводно планиран најмалку две седмици во групи на Telegram и Twitter, но безбедносните сили не презеле ништо за да го спречат.
Полицијата по три часа ја презеде контролата врз зградите и ги потисна демонстрантите со солзавец. Министерот за правда Флавио Дино изјави дека се уапсени 200 демонстранти, а се очекува бројката да биде многу поголема. Дино рече дека се истражува кој го финансирал пристигнувањето на неколку стотици автобуси со приврзаниците на Болсонаро во главниот град.
На Болсонаро му се заканува кривично гонење поради неколку истраги пред Врховниот суд во Бразил, а неговата иднина во САД, каде што патуваше со виза издадена само за актуелни претседатели, е под знак прашалник.