Бразилскиот претседател Лула на интензивна нега по итна операција на мозокот

Бразилскиот претседател, 79-годишниот Луис Инасио Лула да Силва се опоравува на интензивна нега по итна операција на мозокот поврзана со неговиот пад во октомври, соопштија неговите лекари во вторникот.

Лула Да Силва е стабилен и нормално зборува и јаде по операцијата на мозокот која траела речиси два часа и била успешна, соопштија лекарите на прес-конференција. Претседателот е хоспитализиран во болницата „Сирио Либанес“.

Лула имал крварење меѓу мозокот и менингеалната мембрана, велат лекарите, додавајќи дека нема повреда на мозокот или невролошки компликации.

Лула треба да остане на интензивна нега 48 часа и да се врати во главниот град Бразилија на почетокот од следната седмица „доколку сѐ биде добро“, изјави докторот Роберто Калил Фиљо.

Бразилскиот претседател избегнуваше да патува, особено на долги дестинации последните месеци додека лекарите го следеа неговото закрепнување по падот во неговиот дом кон крајот на октомври. Тогаш во падот тој се удрил во задниот дел од главата и морал да биде сошиен.

Но, за време на разговорите со конгресните лидери во понеделникот вечерта во Бразилија, Лула се пожали на влошена главоболка и бил однесен во болница на тестови, рече неговиот портпарол Пауло Пимента во интервју за радио.

Скенирањето со магнетна резонанца покажало дека има крварење во черепот, па брзо бил пренесен со хеликоптер на операција во Сао Паоло, објави владата.

Потпретседателот Жералдо Алкмин во вторникот ги откажа плановите во Сао Паоло и се врати во главниот град Бразилија за да ги преземе должностите на Лула, вклучително и посетата на словачкиот премиер Роберто Фика, рече неговиот помошник.