
Осумнаесетгодишниот бразилски напаѓач Витор Роке во средата пристигна во Барселона каде ќе потпише договор со истоимениот фудбалски гигант до 30 јуни 2031 година, соопшти каталонскиот клуб.
Клаузулата за обештетување, која е задолжителен дел од договорите на фудбалерите кои настапуваат во шпанските клубови, е одредена на 500 милиони евра, се вели во соопштението на Барселона.
Витор Роке доаѓа во Барселона од бразилскиот прволигаш Атлетико Паранаенсе, во чии редови пристигна од Крузеиро пред 20 месеци.
За Атлетико одигра 54 натпревари во бразилското првенство и постигна 17 голови, додека на 15 настапи во Копа Либертадорес, јужноамериканската верзија на Лигата на шампионите, постигна шест погодоци.
Иако во февруари ќе наполни само 19 години, надарениот напаѓач веќе дебитираше за сениорската бразилска репрезентација, играјќи 25 минути на пријателскиот натпревар против Мароко во март оваа година.